| четврток, 6 декември 2018 |

Студентите по хемија и фармација ќе може да одат на пракса во „Алкалоид“

Во насока на исполнувањето на заложбите за корпоративна општествена одговорност, „Алкалоид АД Скопје“ потпиша „Меморандум за соработка“ за програмата за практикантство со „Фармацевтскиот Факултет“ и „Институтот за хемија“ на „Природно-математичкиот факултет“, двата при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Практикантството во „Алкалоид АД Скопје“ е заеднички проект помеѓу компанијата, споменатите образовни институции и студентите, кои ја претставуваат идната работна сила во Република Македонија. Во рамките на овој проект, на студентите, кои се на додипломски и после дипломски студии на горе- наведените факултети, ќе им се овозможи вклучување во секојдневните компаниски процеси и активности, со цел да се зајакнат нивните професионални вештини и взаемно да се поттикне научно- истражувачката работа.

– Целта на овој „Меморандум за соработка за програмата за практикантство“, е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија, во соработка со
највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку
имплементирање на најновите научни достигнувања во развојни процеси, научно-истражувачката работа очекуваме да се подигне на ново, повисоко ниво, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“.

На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата за практикантство, од страна на компанијата ќе им биде доделен обучен ментор, а од
страна на матичната образовна установа ќе им биде зададен практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од 3 месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од страна на стручните ментори од компанијата и претставниците од респективната образовна установа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top