| четврток, 6 декември 2018 |

„Чебрен и Галиште“ ќе чини 220 милиони евра, Заев бара поволни камати од банките

Чебрен и Галиште ќе биде помала инвестиција од околу 220 милиони евра, а не мегаломански зафат. Македонија сама ќе ја реализира зашто е финансики стабилна, ликивидноста и солвентноста се зголемени, а има и многу средства во домашните банки, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Заев очекува банките да понудат поволни кредити. Во спротивно, земјава ќе биде принудена да обезбеди пари однадвор.

– Преку десетици пати тендери не успеаја. Тргнавме на една реалистична основа. Проценката на инвестицијата е околу 220 милиони евра. Убедени сме дека ЕЛЕМ како главен столб на производството на електрична енергија, може да го понесе овој капацитет заедно со Владата и сите институции. Би влегол во преговарачки процес со сите банки. Очекуваме да формираат конзорциум и сите да пласираат средства, се надевам конкурентни зашто не ни е обврска да земеме од дома пари. Ако не дадат доволно евтини камати, ќе земеме пари од надвор, но верувам дека ќе може да бидат конкуренти, објасни Заев по потпишувањето на Годишната програма за вработување.

Веднаш штом ќе се обезбеди финансирањето, ќе бидат повикани сите градежни компании во Македонија кои можат да работат вакви проекти.

– Изградбата би траела пет до осум години зашто се работи за сериозен проект и во делот на производството на електрична енергија и во делот на водоснабдувањето на целиот регион каде новата акумулација би можела да биде за развој на земјоделството и други активнсоти во Централна Македонија, рече поремиерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top