| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот филм на Тарантино го има „најдоброто сценарио во последните 30 години“

Очекувањата за новиот филм на Квентин Тарантино скоро да не можат да бидат повисоки. Најпрво беше најавено дека Бред Пит и Леонардо Дикаприо ќе ги толкуваат главните улоги, а сега доаѓаат и пофалби за сценариото, кое беше опишано како „најдобро во последните 30 години“.

Сместен во Лос Анџелес во 1969 година, новиот филм на режисерот Квентин Тарантино, наречен „Once Upon A Time“ раскажува за едно поинакво време во кое Холивуд беше романтизиран, но недостижен за многумина.

Целосната екипа која работи на филмот веќе го прочита сценариото, а првите коментари сугерираат дека ќе гледаме филмска класика преточена на сребреното платно преку визијата на мајстор каков што е Тарантино. Фановите на „класичниот Тарантино“ ќе бидат многу среќни по изјавата на режисерот, кој вели дека „Once Upon A Time“ е најблиску до „Pulp Fiction“ од сите негови претходни филмови.

„Ова е најдоброто филмско сценарио кое го имам прочитано во изминатите триесет години. Ако постои нешто кое е блиску до ова, тогаш тоа е сценариото на ‘Pulp Fiction’“, рече Тим Ротман, директор на Sony Pictures.

Снимањето на „Once Upon A Time“ не е започнато, а Тарантино најави дека има намера да го претстави Лос Анџелес онаков каков што беше во 1969 година, па затоа ќе треба подолго време да се работи на локациите и снимањето.

Заплетот на филмот треба да биде на некој начин поврзан со убиствата на Култот на Чарлс Менсон, поточно со убиството на актерката Шерон Тејт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top