| четврток, 6 декември 2018 |

Шекеринска: Македонија кредибилен партнер на НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува на претстојниот Самит на НАТО во јули во Брисел да бидат верификувани промените во Македонија и исполнувањето на најголемиот дел од поставените важни задачи.

Според Шекеринска, Македонија е кредибилен партнер на НАТО, со право очекува и работи да стане нејзина 30-та членка, а најголем дел од критиките од претходните самити веќе не се сметаат за слабост.

– Покажавме дека во делот на демократски реформи, владеење на правото, состојби со медиуми, во администрација и политички односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена во државава да ја верификуваат, потврдат и да ја ценат сите земји членки на Алијансата, рече Шекеринска на денешната прес-конференција по повод НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија.

Се надевам, посочи министерката, дека НАТО ќе ги препознае одлучната посветеност и цврстата политичка волја на Владата и на мнозинството граѓани во Македонија за остварување на стратешкиот приоритет за членство во Алијансата кој остана непроменет и во најтешките моменти и во најдлабоките кризи во кои беше Македонија во минатото.

Од почетокот на годината Владата со конкретни чекори покажала дека е партнер на кој може да се потпре НАТО, зголемени се буџетот во одбраната, платите на воениот персонал и учеството во мисиите предводени од НАТО и најавено е дека до средината на годинава ќе биде завршен документот „Стратешки одбранбен преглед“.

– Со нашата посветеност и со целиот ангажман на припадниците на нашата армија во мировните мисии Македонија покажува дека сме кредибилен партнер и оти имаме што да и понудиме на Алијансата. Токму од тие причини сметаме дека со право Македонија очекува и работи да стане 30-та членка на НАТО, рече Шекеринска.

Како што потенцира заменик-шефот на Воениот штаб од Директоратот за партнерство на НАТО Егил Педерсон, Македонија е многу ценет партнер на Алијансата. На НАТО работилницата во Скопје ќе бидат поставени предусловите за успех во 2019 година за сите партнери со кои соработуваат. Ќе се разговара за потребите и ќе се направи преглед за тоа што НАТО сака да добие од партнерите.

– Оваа конференција е најважен настан за нас оваа година од аспект на Директоратот за воени партнерства. Партнерствата се темелот на соработката во НАТО и надвор од Алијансата и се од суштинско значење да бидат ангажирани во секоја можност, рече Педерсон.

Македонија го зголеми учеството во мировните мисии на Алијансата и според заменик-командантот на Европската команда на НАТО генерал Џејмс Еверард, има одличен придонес во активностите а припадниците на македонската армија покажуваат висока професионалност.

– Многу сум импресиониран од професионалните стандарди на вашата армија и тоа што тие го вложуваат во мисијата. Се разбира секогаш може да се побара да правите уште нешто дополнително, меѓутоа вашиот придонес е одличен не само во Авганистан, туку и во Косово и во БиХ, рече генерал Еверард.

Како што најави министерката Шекеринска, на денешната владина седница треба да биде одобрено зголемувањето со уште тројца офицери од Македонија на германскиот контингент на НАТО во Авганистан во периодот од четири месеци во тек на изборите.

– Претпоставувам дека Владата денеска ќе даде зелено светло за да го зголемиме нашето учество во овој период и да покажеме дека Македонија може да носи одлуки навреме и да функционира не само како партнер, туку и како член на НАТО, рече Шекеринска.

На работилница на НАТО учествуваат 180 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери. Разговараат за операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите.

Ќе бидат презентирани и 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top