| четврток, 6 декември 2018 |

И судијата има право да повика сведок: Одбраната нема да бара Заев да сведочи во „Монструм“

Одбраната на обвинетите во случајот „Монструм“ нема да бара премиерот Зоран Заев да биде повикан за сведок во судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година. Адвокатот Насер Рауфи за Телма изјавил дека немаат намера да го повикаат премиерот да сведочи, бидејќи веруваат дека Заев ги предал сите снимки на Специјалното јавно обвинителство.

– Со оглед дека не е спорна надлежноста, нема врз основа на кои околности да биде распрашан, а снимките ќе можат да се слушнат и во судница, вели Рауфи.

Од Специјалното јавно обвинителство засега не откриваат дали Заев ќе биде додаден на листата на сведоци кои ќе бидат повикани во судница. Инаку, право да повика сведок во случајов има и судијата, бидејќи овој предмет се суди по стариот Закон за кривична постапка.

Утре пак, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да се појави во Собранието, каде пред Комисијата за политички системи ќе го презентира последниот петти шестмесечен извештај за работата на СЈО, што беше објавен на 15 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top