| четврток, 6 декември 2018 |

Крвопролевања во Египет – демонстрантите и војската со рокови за властите

Продолжува крвопролевањето во Египет. Противниците на претседателот се судрија со полицијата и со Mолотови коктели го запалија седиштето на партијата Муслиманско братство. Во инцидентите загинаа 17 луѓе низ земјата, а на шефот на државата му е даден рок до денеска до 17 часот да се повлече инаку, во спротивно, ќе се соочи со граѓанска непослушност.

На синоќешните протести учествуваа повеќе од милион Египќани.

Портпаролот на Муслиманското братство за насилствата ги обвини „хулиганите“ и рече дека ќе побара објаснување од полицијата зошто не успеала да го заштити седиштето на партијата.

Со ултиматум излезе и египетската војска, која на политичарите им даде рок од 48 часа за да ја решат кризата во земјата. Во спротивно, ќе преземат одговорност и ќе го претстават нивниот план за мир. Генералот Абдел Фатах Сиси ги нарече масовните демонстрации израз на граѓанската волја без преседан.

–       Политичарите имаат 48 часа да одговорат на барањата на граѓаните. Режимот и опозицијата мора да се договорат или ние ќе го претставиме нашето гледање на решение на ситуацијата и ќе претставиме свој план за мир – рекол Сиси на државната телевизија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top