| четврток, 6 декември 2018 |

Шекеринска за НАТО: САД не поддржува, но Грција може да прави проблеми

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска очекува безрезервна поддршка од САД за нашиот прием во НАТО, а во врска со нерешениот спор со Грција околу името нагласи дека само дел од работите зависат од македонската страна.

Коментирајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас дека до јуни нема да се постигне компромис за името, Шекеринска напомена дека за Грција не е толку проблем нашето членство во Европската унија колку што постојат поголеми шанси да не блокираат за влезот во НАТО

– Ставот „да“ за ЕУ, „не“ за НАТО е став што го застапува и Русија, рече Шекеринска и додаде дека доколку решение се најде до јуни ќе се даде шанса за пресврт на ситуацијата во јули кога се одржува Самитот на Алијансата. Секое одложување може да ја смени ситуацијата на теренот, рече Шекеринска, нагласувајќи дека сегашните услови се најповолни, а понатаму се менуваат состојбите, на пример и во двете земји претстојат избори.

Македонија инсистира на членство во НАТО, а не на некакви други облици на сојузништво, како на пример асоцијативно членство како што има Шведска.

Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите информираше за нејзината претстојна посета на САД која ќе се реализира од 26 април до 2 мај, а во чии рамки ќе има средба и со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис.

Таа во САД патува на покана на Матис. Ова ќе биде прва посета на македонски министер за одбрана на САД од 2012 година и тоа во мошне важен период за земјата пред Самитот на НАТО.

На средбите во САД се очекува да биде потврдено стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД кои, како што напомена од МО, имаат исклучително добра соработка. Претстојната посета ќе биде искористена и за допрецизирање на деталите за билатералната воена вежба што следната година ќе се одржи на полигонот „Криволак“ во соработка со Европската команда на САД.  Трошоците за вежбата, како што рекоа од МО, ќе ги покријат САД. Станува збор за бригадна вежба во која се очекува да има од 3.000 до 5.000 учесници.

За време на посетата Шекеринска ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на Русија, Украина и Евроазија Лора Купер, а ќе има средба и во американскиот Стејт департмент, како и во Сенатот и во Конгресот. Посетата ќе биде искористена за лобирање во Конгресот и Белата куќа за поддршката на евроатлантските интегративни процеси на земјата.

Шекеринска во Вермонт ќе се сретне со командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј. Од МО велат дека има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како партнер во реформите и развојот на вооружените сили, информираат од Министерството за одбрана

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top