| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров и Коѕијас во среда на нова средба со Нимиц во Виена

Следната седмица, на 25 април ќе се одржи нова средба во Виена на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Нимиц, објавија дел од грчките медиуми.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, датумот се споменува во новинарските кругови во Грција, но без да има официјална потврда или демант. Грчкиот информативен портал Ин, пишува дека новата средба се планира под голема тајност, но индиректно ја поврзува и со изјавата на Коѕијас за радиото 247 дека не може да се постигне договор до јулскиот НАТО Самит.

– Многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид, пишува Ин.

Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид минатиот четврток, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.

Првата е регионална конференција со учество на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, која веќе неколку пати се има одржано во истиот формат и се однесува на меѓуграничната соработка.

На 11 и 12 мај, местото Сунио на 70-ина километри во Атина, познато по Храмот на Посејдон, ќе биде домаќин на Конференцијата за иднината на Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top