| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов на 27 месецов во Скопје ќе ги пречека лидерите на земјите учеснички од процесот Брдо – Бриони

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на 27 април во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо – Бриони. Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави.

На состанокот на лидерите на земјите учесници на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи во Скопје на 27 април 2018 година, се очекува присуство на претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

Согласно досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на состаноците на Процесот Брдо-Бриони учествуваат високи гости од Европската унија, како и лидери на земји-членки на ЕУ. Еден од почесните гости на состанокот во Скопје е Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top