| четврток, 6 декември 2018 |

Ненад Георгиевски, основач на „Скопје синема сити“: Формулата е да се поистоветат работата и задоволството, а не да се исклучат меѓусебно

Од 6- 10 јуни, којшто ќе има богата, широка и интересна филмска програма со гости и неколку дополнителни програми кои ќе ја збогатат перцепцијата за поимот музика. Со други зборови, ќе бидат разиграни сите сетила на посетителите, вели Георгиевски.

Пред нас е ново издание на „Скопје синема сити“. Кои филмови се на програмата на пролетното издание на Фестивалот?

-Пролетното издание на фестивалот е еден од четирите настани што ги планираме годинава. Всушност, се работи за викенд на проекции на 4 филмови во Кинотеката на Македонија. На репертоарот има 4 филмови кои ќе го привлечат вниманието на различна публика. Првиот е филмот за Џеф Бакли, прерано починатиот пејач, и е приказна за неговиот краток но впечатлив живот и творештво. Тоа е убав филм каде што како главни соговорници се јавуваат неговите големи фанови како Џими Пејџ (Led Zeppelin), Криси Хајнд (Pretenders). По него, следи филмот за славната 1959 година кога се издадени 4 најважни албуми за современиот џез. Значи, тоа се 4 приказни: првата за Мајлс Дејвис (Kind of Blue), за Орнет Колман (Shape of Jazz to Come), за Чарли Мингас (Ah Um) и за Дејв Брубек (Time Out). Следниот ден е филмот на Јордан Дуков за Суперхикс, кој е дел од Докутелма серијалот и тоа ќе биде проекција со слободен влез. После овој филм ќе го прикажеме филмот за „Девојката од Ипанема: Бразил, боса нова и плажата“кој е убава летна приказна и истовремено прекрасен патепис по живописните предели на Бразил, како и за историјата на Бразил, и пат во историјата на овој жанр и луѓето кои ја популаризирале боса новата – Антонио Жобим, Жоао Жилберт и многу други.

Музичките документарни филмови се специфичен жанр. Има ли интересирање кај македонската публика за овој вид филмови?

-Има голем интерес за овој тип на документарни филмови, односно за нашите проекции. Не е без причина тоа што секој посериозен филмски фестивал си има своја под-категорија на музички документарни филмови. Фестивалот влегува во својата 4 година и веќе си има изградено своја публика на која секоја година ѝ нудиме разновидна програма. Секое издание си има свој концепт и идеи, а тоа привлекува најразлична публика. Верувам дека со секое издание си привлекуваме нова публика. Фестивалот се потпира само врз квалитетниот избор на филмови што ги прикажуваме, трудејќи се со нив да допреме до различни луѓе.

Факт е дека со „Скопје синема сити“ се пополнува една празнина во културниот живот на Скопје, но колку е лесно да се организира вакво нешто?

-Се разбира дека не е лесно. Но истовремено е и големо задоволство. Како и секој друг проект, и тој си бара своја посветеност и истрајност, но формулата е да се поистоветат работата и задоволството, а не да се исклучат меѓусебно.

Вашето искуство како музички новинар, но и автор на документарни музички филмови, ви помага или ви одмага во организацијата?

-Сигурно помага. Веројатно само музички новинар може да се сети да направи филмски фестивал или проект каде што централно место има музиката. Сите тие контакти со странски издавачи, продуценти и дистрибутери доаѓаат од мојата работа како новинар за All About Jazz. Чепкањето и потрагата по информации и контакти ги научив тука. Ние ја имаме таа среќа што зад нас уште на почетокот застана Кинотека на Македонија која ни помогна со своите капацитети. Таму редовно ги организираме нашите настани. Оваа година помогна и Агенцијата за филм, што придонесе следното издание да ни биде голем исчекор напред во секој поглед.

Ги гледавме филмовите за Леонард Коен, Дејвид Боуви…публиката реагира на познати музички имиња. Која е следната ѕвезда за која  ќе гледаме документарен филм?

-Таа информација брзо ќе ја дознаете бидејќи се ближи јуни кога ќе се случи летното издание на фестивалот, односно она главното. Мислам дека ќе ја откријам таа информација за време на проекциите пред публиката овој викенд. На оној кому ќе му направиме трибјут ќе му дадеме и награда за достигнувања на полето на културата бидејќи го заслужил тоа, а и ќе го краси нашиот дизајн на ист начин како што тоа беше за Боуви, Коен, Крафтверк.

Главниот настан го најавувате во јуни. За што станува збор?

-Станува збор за 5 дневен настан од 6- 10 јуни, којшто ќе има богата, широка и интересна филмска програма со гости и неколку дополнителни програми кои ќе ја збогатат перцепцијата за поимот музика. Со други зборови, ќе бидат разиграни сите сетила на посетителите. Не можам да ви ги откријам сите детали веднаш, но во текот на мај кога ќе почне кампањата, ќе испорачуваме информации и детали за разни аспекти од програмата. Најважно од сѐ е дека ќе биде живописно и интересно, со содржини кои досега не сме ги имале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top