| четврток, 6 декември 2018 |

Jанкулоска е бремена, СЈО издејствува да ѝ се суди одвоено за „Тенк“

На поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе ѝ се суди одвоено за набавката на владиниот мерцедес. Судот ја раздвои постапката откако адвокатите го оправдаа нејзиното отсуство со лекарска потврда за ризична бременост.

Адвокатите на Никола Груевски и Ѓоко Поповски беа против раздвојувањето зошто Јанкулоска била важен дел од нивната одбрана. Тие посочија дека доставеното боледување е издадено од матичен лекар пред 5 дена и истото не може да биде повеќе од две седмици, судот по барање на СЈО ги раздвои постапките.

Судијката отфрли тројца од предложените сведоци со образложение дека двајца од нив биле присутни како обезбедување на Груевски на некое од рочиштата при изведување на докази, а третиот сведок бидејќи не му била доставена поканата и за него нема точна адреса на живеење. Според Груевски на денешното рочише се напревени неколку преседани, а судијата и обвинителите се ставиле во позиција на лекари и самите претпоставиле дека Јанкуловска ќе биде подолго време отсутна. Груевски рече дека за време на поправка на дефектните возила тој се возел во не блиндирано возило што не е според прописите за безбедност.

-По секоја цена се брза, се прават тешки преседани за да се донесе судска одлука во исто време кога треба владата да направи еден чекор кој оди кон промена на името кон грчкиот терк, изјави Никола Груевски.

На денешното рочиште Одбраната испраша само еден сведок, поранешниот директор на СОЗР Васе Доневски, кој беше спроведен од притворското одделение во Шутка.

Доневски рече дека во периодот кога тој бил директор од 2006 до 2012 претпријатието поседувало три блиндирани возила наменети за државниот врв. Истите според неговото сведочење биле стари повеќе од 20 години и често биле во дефект. Доневски рече дека од страна на обезбедувањето постојано добивал остри критики и барања да се реши проблемот бидејќи возилата не биле безбедни, за што ги информирал Шестата управа и тогашната министерка. Некогаш возилата биле на поправка и по месец дена, а како пример колку чинеле дефектите, тој наведе дека за промена на една шофершајбна биле потрошени 20.000 евра.

 

На следните рочишта нема да им биде дозволено сведочење на дел од предложените сведоци од страна на одбраната, бидејќи денеска не го оправдаа своето отсуство. За расправата закажана за два дена, судот нареди двајца сведоци да бидат спроведени со полициска асистенција. На претходните рочишта, адвокатите на Груевски, Јанкулоска и Поповски бараа изземање на Судечкиот совет, но тоа не се случи. Обвинетите се теретат за набаката за Мерцедесот вреден 600.000 евра, нарачан од поранешниот премиер со посебни барања за сензори и масажери. Актуелната Влада пак, ја замрзна продажбата на луксузното возило, но остана на тврдењето дека амбулантните возила кои беа ветени, ќе бидат набавени.

Судењето продолжува во петок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top