| четврток, 6 декември 2018 |

Пуштена една од снимките за „Траекторија“, судењето продолжува на 23 мај

На рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“ попладнево почна слушањето на аудио разговори кои се доказ во постапката. Адвокатот Димитар Дангов претходно побара разговорите да бидат пуштени на следното рочиште, но тоа беше одбиено.

Одбраната реагираше и дека аудио снимките не се целосно исфилтрирани и оти се уште има приватни разговори. Беше побарано и да се обезбеди уште една камера што ќе ја снима целата судница, но и ова
барање беше одбиено по што почна изведувањето на доказите.

Реагираше и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во случајот, со барање да се исклучи јавноста за време на слушањето на разговорите. Веднаш по пуштањето на првата аудио снимка на која се слуша разговор на Јанакиески, тој стана и кажа дека им го откажува полномошното на неговите адвокати бидејќи не биле подготвени да го бранат.

Јанакиески и адвокатите излегоа од судницата, а по враќањето тој информира дека го повлекува предлогот за откажување на нивното полномошно. Судијата Бошевски потоа реши да го прекине денешното рочиште и продолжението да го закаже за 23 мај.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top