| четврток, 6 декември 2018 |

„Колска“ втор ден со блокада на возовите на железничката станица во Велес

Стотина вработени од Фабриката за шински возила „Колска“ од Велес со двочасовна блокада на возовите на железничката станица во Велес и денеска протестираа барајќи исплата на заостанатите плати и решение на статусот на фабриката.

Претседателот на Синдикатот на „Колска“ Слободан Димитриевски информираше дека тие бараат исплата на заостанатите плати за септември и октомври 2017 и две и пол плати за годинава. По средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев од пред еден месец им била исплатена само половина плата за март иако тие го сработиле договореното односно поправени се 15 од договорените 34 товарни вагони и еден патнички вагон.

– Ние сме револтирани што тогаш беше договорено МЖ Транспорт редовно да ни ги исплаќа платите, а тие доцнат со исплатата. Воедно сме револтирани што на овој состанок пред еден месец со вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорите на ЈП Македонски Железници ни беше речено дека фабриката ќе се продава, а наместо да се припои кон МЗ како што ние баравме и како што тие претходно ни ветија, потенцира Димитриевски.

Тој потсетува дека „Колска“ била во состав на МЖ се до 1996 година од кога започнала агонијата на вработените. Тие цело време бараа повторно припојување кон МЖ за кога ја извршуваат и целата своја работа, поправка на шински возила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top