| четврток, 6 декември 2018 |

Вести, информативни програми и серии – најгледани ТВ содржини во Македонија

Вестите се најатрактивната содржина за македонските граѓани на телевизија, а радиото го избираат во најголем дел за музика, покажуваат резултатите од последната анкета на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), спроведена на примерок од 2.400 во период од 10 до 20 часот.

На прашањето „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија?“, 71,7 проценти дале потврден одговор, а 19,8 проценти рекле дека претходниот ден слушале радио.

Прашани што гледале на телевизија на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа во текот на претходниот ден, 40,5 проценти одговориле дека гледаат вести, по кои следи информативна програма со 21,6 проценти, а на трето место се сериските филмови со 8,8 проценти.

Образовна и документарна програма навеле дека гледаат 8,4 проценти од испитаниците, игран филм 7,5 проценти, забавна и/или музичка програма 5,9 проценти, спортска програма 3,4 проценти, утринска програма 3,3 проценти, програма за деца 0,6 проценти.

Вестите биле најчест избор и на испитаниците кои биле прашани какви содржи најчесто гледаат на регионалните и локалните телевизии, односно таков одговор дале 27,1 процент од нив.

По нив следат 15,3 проценти испитаници кои рекле дека гледале игран филм, па со 13,7 проценти односно 13,3 проценти оние што одбрале забавна и/или музичка програма, како и информативна програма, а со 11 проценти сериски филм.

Програма за деца и утринска програма биле избор на 2,7 проценти од анкетираните лица во истражувањето на АВМУ.

Според анкетата, најголем дел од испитаниците, 64,6 проценти, на прашањето „Какви содржини слушавте на радио вчера?“ го дале одговорот музичка програма, 11,7 проценти забавно контактна програма, 8,1 процент најчесто слушаат вести, а 6,9 проценти утринска програма.

Избраниот примерок за анкетата е изработен врз основа на официјалните податоци на Државниот завод за статистика од последниот спроведен попис на населението, домаќинствата и становите во 2002 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top