| четврток, 6 декември 2018 |

Роднина на пациент нападнал дежурен лекар во Општа болница – Кочани

Дежурна лекарка во Општа болница – Кочани синоќа била нападната на работното место од страна на роднина на пациентка која била хоспитализирана во здравствената установа. Две други лица кои се нашле во близина успеале да го оттргнат напаѓачот и спречиле инцидент со посериозни последици.

Во инцидентот лекарката се здобила со телесни повреди, а доживеала и психичка траума, поради што побарала неколкудневен одмор.

– Нападот врз нашата колешка се случил во моментот кога ги прегледувала резултатите на пациентите кои требало да примат инсулин. Напаѓачот инсистирал неговата мајка која била примена претходниот ден и уредно згрижена, да добие приоритет, по што ја фатил лекарката за врат во обид да ја задави. Ова не е прв ваков напад врз лекарите во болницата, но е еден од најсериозните досега, рече директорката на Општа болница – Кочани, Борка Панова.

Во знак на солидарност со својата колешка, попладнево лекарите и медицинскиот персонал од болницата излегоа на мирен протест, со барање да добијат поголема заштита. Исто така, ги повикаа и граѓаните за поголема толеранција поради намалениот број лекари и медицински персонал.

Случајот бил пријавен во полиција, по што е направен увид на местоот на настанот, а вработените во болницата очекуваат против сторителот да се преземат соодветни законски мерки

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top