| четврток, 6 декември 2018 |

Вработените во шумската полиција протестираа пред Министерството за земјоделство

Вработените во шумската полиција преку протест пред Министерството за земјоделство побараа од министерот Љупчо Николовски подобрување на условите во кои работат. Повикаа да им се платат прекувремената работа и одењето во смени, како и итно да се потпише колективен договор. Ако во наредните недели не најдат заедничко решение за проблемите со кои се соочуваат најавуваат радикализација на протестот.

„Доколку не ни излезат во пресрет најавуваме помасовни протести, а ако и тоа не вроди со плод крајна цел е генерален штрајк“, рече Никола Гаговски – претседател на независен синдикат на шумска полиција.

„Ако има штрајк, 50% од вработените ќе бидат на работа. Тоа е согласно законот“, рече Слободан Маневски – заменик претседател на независен синдикат на шумска полиција.

Од Министерството за земјоделство ги примија на разговор претставниците на синдикатот, а по средбата соопштија:

Министерство за земјоделство:

„На средбата се разговараше за евиденцијата на прекувремените работни часови кои ќе се докажуваат со записници за одземање на предмети и средства. Опфатени беа и дискутирани постапките пред другите надлежни органи со што реално ќе се увиди потребата од прекувремени часови. До средината на мај се очекува да заврши процесот на преговори за потпишување на колективен договор. Претставниците на шумската полиција отсега ќе имаат активна улога во процесот на измена и дополнување на Законот за шуми.“

Во шумската полиција има околу 400 вработени кои се грижат за сечата на шумите, за нелегалниот и легалниот лов и риболов и за други тековни проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top