| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните на Ѓорче добија решение, на критичното место каде вчера беше повредено дете ќе биде поставен семафор

Семафор ќе биде поставен на критичното место на улицата „Борис Сарафов“ во населбата Ѓорче Петров каде вчера беше повредено 10-годишно дете.

Од општината информираат дека во координација со Град Скопје добиена е информација дека на критичното место ќе биде поставен семафор со кој се очекува да се реши проблемот со брзото возење и непочитување на пешаците кои поминуваат на пешачкиот премин кај основното училиште „Мирче Ацев“.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски изрази жалење за сообраќајната незгода.

– Како градоначалник, жител на општината, и родител изразувам големо жалење за незгодата при што повредено е дете кое е наш сограѓанин. Посакувам што побрзо да закрепне, и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет, изјави Наумоски.

Тој повика на свесност и совесност кај возачите и на смирување на тензиите кај родителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top