Постигнат е напредок за најголемиот дел од прашањата во спорот со името, остануваат опсегот на употреба и името за меѓународна употреба, рече македонскиот премиер Зоран Заев на денешниот отворениот брифинг со медиумите.
Точно е дека поголем дел од работите се решени и тоа, истакна, му дава право да верува дека има исчекор, но, посочи дека и тоа што е решено, може да се смета дека е договорено само ако има конечен договор.
– Би кажал само дека не е решен опсегот и не е решено името за меѓународна употреба. Многу сме блиску до решение што би требало да биде и потврдено во делот идентитетот и во делот на националноста и на јазикот. Мислам дека сме пред решение за овие прашања – рече Заев и додаде дека другите прашања генерално се апсолвирани.
Во однос на грчките забелешки за иредентизам, Заев смета дека треба да се изнајдат формулации дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција, истовремено и тие во нашето наследство.
Заев потврди дека референдум за името ќе има, а прашањето е дали ќе биде веднаш по евтуалниот договор или пред самиот влез на Македонија во НАТО или во ЕУ.
За опсегот на употреба и грчкото барање за ерга омнес, Македонија е на став дека договореното име треба да биде само за меѓународна употреба без промена на Уставот, затоа што домашната употреба на името нема никакво влијание врз Грција.
За прашањето за идентитетот, Заев рече дека Грција има разбирање бидејќи станува збор за лично чувство и определба и не алудира на промена.
– Тоа е прашање на чувство и грчката страна има разбирање за оваа работа и ред е тоа да го потврдам заради тоа што тоа е еден од првите позитивни моменти што се појавија. Премиерот Ципрас и министерот Коѕијас имаат разбирање за идентитетот. Идентитетот е чувство и не алудираат на промена на идентитетските прашања – рече Зеав.
За државјанството, премиерот вели дека ќе биде согласно новото име што ќе биде за меѓународна употреба.
– Би било веројатно граѓанин на Северна/Горна/Вардарска или слично, тоа што ќе го одлучиме, кроз Маседониа. Јас очекувам да бидат потврдени прашањата што се веќе и опишани во графите на ОН како што е македонскиот јазик, со тоа што апсолутно сме подготвени да ги отстраниме сите нивни резерви за некакво алудирање на наследство или слично, заради тоа што немаме намера со потврда на нашиот уставен јазик, македонскиот јазик да навлегуваме во наследството на Грција – истакна македонскиот премиер.
Секое решение што ќе биде договорено треба да помине кај институциите и граѓаните на двете земји.
– Секако ние водиме грижа за тоа што е важно и за Грција, односно не само за власта, за опозицијата, за граѓаните. Треба да имаме разбирање заради тоа што на крајот можеме ние да се спогодиме, да се договориме дури и на премиерско ниво или на министерско ниво, но сето тоа мора да помине низ институциите на системот и во грчкиот и во нашиот Парламент како ратификација на договорите. Убеден сум дека ако бидеме доволно внимателни, ако бидеме доволно пријателски настроени и доволно пред се креативни ќе изнајдеме вакво решение – рече Заев на отворениот брифинг за медиумите на кој прируствуваат и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи.
Заев очекува евентуланото решение да биде поддржано и од опозицијата во двете земји како дополнителна гаранција дека никој нема да го доведе во прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.