| четврток, 6 декември 2018 |

Могерини: Употребата на хемиско оружје е злосторство против човештвото

Европската Унија најстрого ја осудува постојанта употреба на хемиско оружје од страна на сирискиот режим исткна во писмено соопштение високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, објавено по повод денешните воздушни напади на САД, Франција и Велика Британија.

– Во тој контекст бевме информирани за целните американски, британски и француски воздушни напади врз складиштата за хемиско оружје во Сирија. Овие специфични мерки се преземени со единствена цел да се спречи идна употреба на хемиско оружје и хемиски супстанци како оружје од страна на сирискиот режим за убивање на сопстениот народ – наведува Могерини.

Таа додава дека ЕУ ги поддржува сите напори за спречување на употребата на хемиско оружје и потсетува дека тоа претставува воено злосторство и злосторство против човештвото.

Могерини изрази уште еднаш жалење што мандатот на заедничкиот истражен механизам при Организацијата за забрана на хемиското оружје, не е обновен од ноенври 2017. Овој механизам беше воспоставен со резолуција на Советот на безбедност на Обединетите нации.

Високата претставничка во име на ЕУ ги повикува Русија и Иран да го искористат своето „влијание за да спречат понатамошна употреба на хемиско оружје“ во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top