Видео снимката која се појави во јавноста, а на која јасно се гледа како две ученички брутално тепаат друго девојче во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, додека другите соученици само гледаат и снимаат со своите телефони, предизвика бурни реакции кај народот. Она што најмногу ги загрижува сите е тоа што никој од сведоците на тепачката не реагира ниту презема нешто.
Родителите на едно од девојчињата кои учествувале во тепачката се појавиле на разговор во училиштетот, додека родителите на другите две ученички треба да дојдат на разговор на шеснаесетти, односно во понеделник – изјави за „Фактор“, Петар Мантев, директор на ООУ „Гоце Делчев“, Неготино.
-За случајот се известени сите надлежни служби, пријавено е и во ПС Неготино. Со девојчињата се разговараше, се вклучија наставниците, педагогот и психологот. Изречени се педагошки мерки. Станува збор за ученички во деветто одделение, на возраст од околу 14 години, кои и во минатото имале проблеми со доброто поведение. Една од ученичките која е на снимката тој ден дури и воопшто не се појавила на настава. Се преземаат сите потребни мерки за да се надмине проблемот – тврди Мантев за Фактор.
Според соученици на девојчињата, тие во минатото биле другарки. Кавгата и тепачката, наводно настанала поради момче, односно поради љубомора, пишува „Фактор“.
Од Министерството за образование го осудија настанот, а првата детска амбасада „Меѓаши“ побараа од министерката за образование целосно да го истражи случајот со цел вакво нешто повеќе да не се повтори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.