| четврток, 6 декември 2018 |

Со лажна диплома запишувал докторски студии, а станал и професор

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против М.М.(47) од Куманово за сторено продолжено кривично дело “употреба на исправа со невистинита содржина“, Б.Р.(46) од Скопје за сторено кривично дело “фалсификување исправа“, В.М.Н.(58) од Скопје за сторено кривично дело “фалсификување службена исправа“ и А.И.(38) од Штип за сторено продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според МВР, Б.Р., како раководител на студентски прашања на универзитет „ФОН“ Скопје во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинити податоци дека тој, инаку главен инспектор во отсекот за странци и реадмисија во Регионален центар за Гранични работи „Север“, положил испит, по што изготвила уверение и го дала на потпис и потврдување кај деканот на Факултетот за правни науки и ректорот на универзитетот.

Со тоа му овозможила на првопријавениот противправно да се стекне со диплома за завршен прв циклус на студии. По ова првопријавениот иако знаел дека наведеното уверение и диплома содржат невистинити податоци, ги употребил при запишување на втор циклус на специјалистички студии и втор циклус магистерски студии на Факултетот за правни науки при универзитетот “ФОН” Скопје.

„Во текот на магистерските студии на Б.Р. повторно во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинит податок дека тој положил испит, и покрај тоа што професорот не ја впишал оценката и не ја потпишал пријавата, со што му овозможила на првопријавениот противправно да се стекне со уверение за положени испити од втор циклус и диплома за магистер по правни науки. Потоа М.М. наведните уверенија и дипломи, и покрај тоа што знаел дека содржат невистинити податоци во повеќе наврати ги употребил приложувајќи ги како доказ за завршено образование во персоналното досие во МВР на РМ, а со намера врз основа на таквите дипломи и уверенија полесно да напредува во службата и системот на кариера во МВР на РМ“, соопштуваат од МВР.

Во 2011 година, М.М. ги употребил диполомите за да запише докторски студии на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при што навел уште еден лажен податок дека во 1994 година дипломирал на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. По ова во текот на месец декември 2013 година, првопријавениот наведените дипломи ги употребил во приватната високообразовна установа за бизнис студии “Еуро Колеџ” во Куманово при постапка за избор на доцент во наставнонаучна област Менаџмент во царина и шпедиција и друго, а во текот на 2014 година и 2017 година истите ги употребил во постапка за добивање на согласности за вршење дополнителна дејност во МВР на РМ. Во текот на 2015 и 2016 година првопријавениот наведените дипломи ги употребил и при аплицирање за ангажман како професор на Меѓународниот славјански Универзитет „Гаврило Романович Државин“ во Свети Николе каде бил ангажиран како професор за што во текот на 2015, 2016 и 2017 година му бил исплатен надоместок во износ од 272.300 денари. Истиот, во текот на 2017 година наведените дипломи ги употребил и при аплицирање за полагање на правосуден испит во Министерството за правда на Р.Македонија.

Четвртопријавениот А.И., како декан на Факултетот за правни науки при Меѓународниот славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“-Свети Николе-Битола ги ставил во сила одлуките за избор на првопријавенио како професор, и покрај тоа што знаел дека се несоодветни со подрачјето и областа на која докторирал, со што постапил спротивно од Законот за високо образование на Р. Македонија, и му овозможил на првопријавениот, да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 272.300 денари.

На 08.02.2018 година третопријавената В.М.Н., како советник-државен просветен инспектор, при вонреден инспекциски надзор на универзитетот „ФОН“ Скопје, во соработка со инспектори од МВР, при увид во електронското и материјалното досие на првопријавениот составила лажен записник кој го заверила и потврдила со свој потпис и печат од државниот просветен инспекторат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top