| четврток, 6 декември 2018 |

Комеморација по повод Јом Ашоа и промоција на книгата „Ноќта“ од Ели Визел

Денеска, 12 април 2018 година (или 27 нисан, според хебрејскиот календар), Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ќе го одбележат Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на државата Израел што се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.

Покрај тоа, ќе биде промовирана книгата „Ноќта“ од нобеловецот Ели Визел. Делото „Ноќта“ на нобеловецот Ели Визел најавтентично го опишува холокаустот низ очите на авторот, кој како 15-годишно момче го преживеал холокаустот во Аушвиц.

Книгата е во издание на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“). Промотор ќе биде проф. д-р Тодор Чепреганов.

Комеморацијата ќе се одбележи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со почеток во 13.30 часот.

– За оној што преживеал и е сведок, проблемот е едноставен: негова задача е да сведочи за мртвите исто како и за живите, а најмногу за идните генерации. Немаме право да ги лишиме од едно минато што припаѓа на заедничкото сеќавање. Заборавот ќе значи опасност и навреда. Ако ги заборавиме мртвите со тоа уште еднаш ќе ги убиеме. И ако никој, освен нивните убијци и нивните соучесници, не е одговорен за нивната прва смрт, ние ќе бидеме виновни за втората – вели авторот во предговорот на книгата.

Ели Визел (1928-2016) е писател, професор, активист и добитник на Нобелова награда. Роден во Романија, Визел почнал со студии по религија, но наскоро тој и неговото семејство се протерани во нацистички камп. Визел преживува и ги пишува своите познати мемоари „Ноќта“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top