| четврток, 6 декември 2018 |

Внимателно се следи ситуацијата со увозот на челик во САД и ЕУ

Владата внимателно ја следи состојбата со најавите за ограничен увоз на челик во САД и Европската унија и согласно развојот на ситуацијата ќе излезе со предлог мерки за превенирање на евентуални проблеми.

– Ситуацијата се следи внимателно, уште од најавата дека ќе се преземат вакви мерки на глобално ниво, иако Европската комисија се уште е во фаза на утврдување на состојбите и на пазарот и нема конкретни одлуки и мерки. Македонското МНР е проактивно, но за конкретни и специфични предлог мерки и на кој начин ќе се превенираат проблемите ќе оставиме уште малку време да се види развојот на севкупната ситуација, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање.

Здружението за металургија при Стопанската комора вчера побара Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи бидејќи не претставува закана за нивните пазари, ниту може на каков било начин да ги загрози.

Апелираше македонската економска дипломатија максимално да се заложи во овој правец и сериозно да укаже на последиците од овие мерки по развојот на македонското национално стопанство.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но покрај нив индиректно од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности. Како што рече Митко Кочовски, претседател на групацијата за челик во СКМ, годината почна многу добро, пазарот заживеа и цените беа добри, но сега индустријата е соочена со еден од најголемите предизвици досега кој може да биде фатален за македонската економија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top