| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕијас и Димитров на вечера во Охрид

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас утре во Охрид ќе одржат нова средба. Од Министерството за надворешни работи наведуваат дека посетата на министерот Коѕијас е во рамки на континуираниот дијалог меѓу двајцата министри, во контекст на напорите за надминување на разликата околу името, како и генералното унапредување на односите помеѓу двете земји.

Коѕијас, како што пренесуваат грчките медиуми, треба да пристигне во Охрид доцна попладне. Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција ќе имаат работна вечера, а официјалната средба ќе биде утре.

Во пресрет на посетата македонскиот премиер Зоран Заев во неделното интервју за МИА уште еднаш оптимистички повтори дека верува оти преговорите се во вистинска насока и дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу него и Ципрас.

– Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стигнал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите. Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение. Јас верувам дека тоа е возможно, јас верувам дека е добро за Македонија да се случи колку што може порано поради тоа што тоа за нас значи комплетна гаранција за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и автоматска покана за членство во НАТО, вели премиерот Заев.

Во однос на средбата во Охрид очекува да се постигне дополнителен прогрес, по разговорите на двајцата министри во Виена

– Верувам дека досегашната посветеност на процесот, чекорите кои што се покажани овозможуваат придвижување. И се придвижуваме. Има позитивен исчекор од Виена за кој верувам ќе биде заокружен дополнително на 11 или 12 април, на следната средба помеѓу министрите. На крајот на април, или, можеби, почетокот на мај, можно е да имаме средба на премиерско ниво. Тоа секако зависи од двете страни. Но треба да знаат граѓаните, важно е прашањето, премногу важно, но не по секоја цена, истакнува премиерот Заев.

По средбата Димитров-Коѕијас во Охрид извесна е нова средба на државно – политичкиот врв за името. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува таа да се одржи претстојниот викенд.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју викендов за германскиот весник „Шпигел“ изјави дека разликите со Скопје можат да се решат со смелост.

– Разликите со Скопје се проблеми со историски карактер, со идентитет, со наследство и култура. Овие прашања се чувствителни. Но, можат да се решат со смелост, како што правиме сега. Додека, пак, со Турција имаме проблеми со геостратешки и геополитички претензии, вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за германскиот весник.

Охридската средба се случува една недела пред ЕК да го соопшти Извештајот за напредокот на Македонија, во кој Владата очекува да добие безусловна препорака за почеток на преговорите.

Последната рунда преговори за спорот за името се одржи на 30 март во австриското МНР во Виена каде шефовите на дипломатиите на двете држави Димитров и Коѕијас одржаа средба со медијаторот Метју Нимиц. По средбата Димитров изјави дека има условен напредок во преговорите, бидејќи како одиме напред доаѓаме до потешките прашања.

Медијаторот Нимиц исто така оцени дека има позитивен напредок во преговорите, но, дека, сепак остануваат тешки прашања што треба да се надминат. Според него, тоа бил продуктивен состанок, што го наведува да биде оптимист за иднината.

Првата средба на министерско ниво по обновувањето на преговорите за надминување на спорот за името Никола Димиторв и Никос Коѕијас ја имаа на 13 февруари во Виена каде во канцеларијата на ОН се сретнаа со медијаторот и личен пратеник на Генералниот секретар на Светската организација, Метју Нимиц. Тоа го договорија премиерите Зоран Заев и Алекцис Ципрас на нивната средба во Давос во јанури, годинава.

Извор: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top