| четврток, 6 декември 2018 |

Заменик министерот за правда бил во зградата кога избувнал пожарот – вработените биле евакуирани

Пожарот, во кој се зафатени канцеларии на четвртиот кат во Министерството, избувнал околу 16.30 часот, а пријавен е во 16.45 часот, откако се вклучил алармот за пожар.

За сето време во зградата бил и заменик министерот за правда Оливер Ристовски.

Ристовски за медиумите изјави дека кога избувнал пожарот во Министерството за правда тој бил во својата канцеларија на петтиот кат, еден кат над просториите што гореа, односно просториите во кои според неофицијалните информации, била сместена архивата.

„Не знаеме што е причината за пожарот, ниту колкава е штетата. Тоа очекувам да го утврди истрагата. Сѐ уште сме на улицата пред Министерството, иако ни соопштија дека пожарот е локализиран. Не знаеме ниту кои простории точно се зафатени од огнот“, рече Ристовски.

На прашање дали е можно од огнот да е уништена битна документација, тој вели дека не би требало да дојде до тоа. Односно дека таква документација не се чува во делот што го зафати пожар.

Инаку, за време на избувнувањето на пожарот, во Министерството имало и дел од вработените, но тие се навреме евакуирани. Во пожарот, според досегашните информации, нема повредени ниту вработени, ниту пожарникари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top