Зоран Јовановски, поранешен потпретседател на СДСМ и Ванчо Узунов, советник на премиерот за финансии се кандидатите за кои социјалдемократите ќе се обидат да го убедат претседателот на државата да предложи еден од нив за гувернерското место на НБРМ. И ДУИ има свој кандидат, Фатмир Бесими, советник на премиерот за странски инвестиции и поранешен потпретседател на интегративците.
Димитар Богов, актуелниот гувернер на Народната банка беше избран на оваа функција на 16 март 2011 година. Седумгодишниот мандат веќе му заврши.
Затегнатите односи меѓу претседателот Ѓорге Иванов и Владата на премиерот Зоран Заев може да го оддолжи изборот на новиот гувернер. Предлогот за нов гувернер мора да дојде од кабинетот на претседателот на државата, а го избира парламентарното мнозинство. Иванов сепак би предложил некого кој не е близок до СДСМ, но од неговиот кабинет засега не даваат никакви информации на оваа тема и додаваат дека претседателот веќе два месеци се консултира со релевантни фактори од оваа област.
„Претседателот Иванов како и досега, така и во иднина, ќе се води исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага, со цел Република Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа многу значајна функција во државата за време на неговиот мандат“, велат од кабинетот на претседателот на државата.
Во Уставот и законите не се предвидува временски рок во кој претседателот е обврзан да го достави својот предлог до Собранието, од кабинетот на Иванов велат дека претседателот ќе постапи согласно досегашната практика.
Кире Наумов, заменик министерот за економија од СДСМ предлага да не се оди со изборот на нов гувернер сѐ додека догодина не завршат и претседателските избори.
„Кој е најдобро решение за гувернер? Да нема гувернер! Имајќи ја предвид непремостливата деструктивна константа во овој процес со име Ѓорѓе Иванов, најдобро решение е да нема гувернер во наредните неколку месеци, додека не се избере нов претседател на државата на фер и демократски избори. Отсуството на гувернер нема да се почувствува никаде. Впрочем, затоа и законодавецот пропишал неколку вицегувернери кои во наредните неколку месеци остануваат во полн капацитет. Што се однесува до супервизорската функција, во последниот период најголем број од банките си ги спроведуваат сите свои бизнис замисли скоро и како да нема гувернер. Исклучок се некoлкуте помали субјекти кои не се по неговиот бизнис или политички вкус, така да и оваа функција може безпрекорно да ја извршуваат вицегувернерите.
Идната година граѓаните на Македонија ќе изберат нов претседател. Доколку сега се избере гувернер со мандат од седум години, на новиот претседател избран на фер и демократски избори ќе му биде оневозможено правото да предложи гувернер. На Македонија во овој момент најмалку ѝ се потребни екскурзии на економско-финансиски план. Доволно штета досега направи Ѓорге Иванов, аболиции на криминалци, незаконското недавање на мандатот за формирање влада, опструкциите во евроатлантските интеграции… Нова темпирана бомба не смее да му се дозволи да постави, штетите ќе бидат големи“, напиша неодамна Наумов на својот фејсбук профил.
Во партиски кругови се шпекулира дека ДУИ инсистира овојпат гувернер да биде Албанец, а за нив најдобар кандидат за тоа е Фатмир Бесими кој веќе два пати бил вицегувернер, а сега е советник на премиерот Заев.
Иванов има право да предложи кандидат по свој избор, но за тоа ќе треба да обезбеди поддршка во Собранието. Тоа во случајов значи поддршка и од СДСМ и од ДУИ.
Засега никој не го отвора картите за новиот гувернер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.