| четврток, 6 декември 2018 |

Младите лекари и специјализанти сѐ уште ја чекаат ветената плата

Младите лекари и специјализанти уште ја чекаат ветената плата. Иако им беше ветено дека од овој месец на нивните сметки ќе легнат парите за нивната работа сè уште не е направена исплата. Станува збор за 700 лица кои чекаат по околу 24.000 денари месечно. Од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти велат дека бараат национална програма со која би биле предвидени одливот на кадри во странство и мотивирање на младите лекари да остануваат овдe, објави АлсатМ.мк

„Етапно планирање на вработувањата, редовно распишување на специјализации, а сето тоа да е соодветно финансиски надокнадено, затоа што колеги специјализираат без пари, работат без пари, дежураат без пари, со што имаме еден сериозен проблем и гап кај младите лекари“, изјави Божидар Кочоски – Асоцијација на специјализанти и млади лекари

Од Асоцијацијата предупредија дека ако набрзо не се реши проблемот и не почне државата да ги плаќа, тогаш и оној мал дел на млади лекари кои се останати ќе си заминат, а Македонија може да остане без специјалисти. До 2020 – тата година или за две години вкупно две илјади специјалисти кој работат во јавното здравство ќе заминат во пензија. Во дел од болниците низ државата веќе ги чувствуваат последиците од одливот на кадри. Вчера од велешката болница се пожалија дека им недостигаат петнаесет лекари и триесетина медицински сестри. Токму поради малиот број на персонал, сè помал е и бројот на операции. Од Министерството за здравство не даваат конкретен одговор дали месецов младите лекари и специјализанти ќе ги добијат ветените заработени пари. Иако побаравме став од Министерството, до овие вести не добивме одговор. Нема одговор ниту дали ќе се вработуваат нови лекари и сестри во болниците каде има недостиг на персонал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top