| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска продолжуваат празниците

Преподобниот маченик Евстратиј Печерски

Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Половците завојуваа на Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ѝ се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. А тие, кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука ги охрабри Свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на Св. Евстратиј со тоа што го прикова на крст. Но на крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун заради нивната злоба кон христијаните. Мачителот на Св. Евстратиј тогаш го обесија на дрво.

Преподобен Иларион Нови

Игумен на манстирот Пеликит близу Хелеспонт. Со Духот Божји блесна како сонце. Исцелуваше болести кај луѓето и изгонуваше демони. Во времето на Лав Ерменин настана иконоборно гонење во кое пострада и овој Божји човек. Го испратија во ропство во прогонство близу Ефес заедно со неговите четириесетмина монаси и во 754 година се упокои во затворот.

Преподобен Исихиј Ерусалимски

Презвитер и длабок богослов. Ученик на Св. Григориј Богослов. Особено е препорачливо неговото славно дело „За трезвеноумието и молитвата“. Современик и на Св. Ефтимиј Велики. Се упокои мирно околу 434 година.

Светиот маченик Бoјан, кнeз бугарски

Бил син на Крутoгoн, а внук на Грубoш. Ја испoвeдал вeрата Христoва, дoдeка нeгoвиoт брат Милoмир бил нeзнабoжeц. Пo нарeдба на свoјoт брат бил исeчeн за вистинската вeра вo 827 гoдина.

Чудесниот настан со Таксиот, војник од Картагена

Целиот живот го помина во тешки гревови, но најпосле се покаја, ја остави војничката служба и живееше богоугодно. Еднаш отиде заедно со жена му на својот имот надвор од градот, изврши прељуба со жената на својот аргатин, па веднаш потоа го касна змија и умре. Беше мртов шест часа, потоа стана и дури четвртиот ден прозборе. Раскажа како ги поминал митарствата дури не дошол до митарството на блудот. Овде западнал во мрачното дувло на демоните, но бил изведен преку гаранцијата на еден ангел, па повторно бил вратен во телото за да се покае за својот последен грев. Се каеше четириесет дена одејќи од црква до црква и удирајќи си ја главата од вратите и праговите. Постојано плачеше раскажувајќи за страшните маки во кои грешниците пребиваат на оној свет и ги преколнуваше луѓето да не грешат и да се покајат за веќе сторените гревови. Четириесеттиот ден со радост замина во Царството на милостивиот Господ Бог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top