Откако претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, побара објаснување од американските власти за најновите откритија дека дипломатските претставништва на ЕУ во Вашингтон, Њујорк и во Брисел биле под електронски надзор од НСА, од цела Европа се јавија гневни реакции на шокантните тврдења на германскиот весник.
Комесарката на ЕУ за правда, Вивиен Рединг, рече дека Унијата ги контактирала американските власти во Вашингтон и во Брисел во врска со написот во „Шпигел“.
– Ние веднаш стапивме во контакт со американските власти во Вашингтон и во Брисел и ги соочивме со извештаите во печатот. Тие ни рекоа дека ја проверуваат точноста на информациите објавени завчера и дека ќе ни се јават – рече таа во соопштението.
– Партнерите не се шпионираат едни со други – рекла Рединг укажувајќи дека разговорите за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД треба да бидат запрени додека Вашингтон не даде објаснување за скандалот.
– Не можеме да преговараме за еден голем трансатлантски пазар ако постои и најмал сомнеж дека нашите партнери вршат шпионски активности во канцелариите на нашите преговарачи – рекла таа.
Ставот на Рединг бил поддржан и од страна на шефот на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Елмар Брок.
– Шпионажата доби димензии за кои јас никогаш не би помислил дека се можни во една демократска држава – изјавил тој за „Шпигл“. „Како може ние сè уште да преговараме ако мора да стравуваме дека нашата преговарачка позиција се слуша пред рака?“
Во меѓувреме, германскиот министер за правда, исто така, побарал итно објаснување од САД велејќи дека веста дека Вашингтон ги озвучува канцелариите на Европската Унија потсетува на Студената војна.
– Американската страна мора веднаш и опширно да објасни дали се точни медиумските извештаи за сосема несоодветните мерки на прислушување од страна на САД во ЕУ – рекла Сабине Лојтузер-Шнаренбергер во соопштението.
Франција, исто така, бара од Вашингтон да ги разјасни своите намери по објавувањето на веста дека НСА електронски ги надгледувала канцелариите на ЕУ.
– Франција денес побара објаснување од американските власти – пишува во соопштението на францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус. „Овие активности, ако бидат потврдени, ќе бидат целосно неприфатливи“.
– Очекуваме американските власти што е можно побрзо да одговорат на оправданата загриженост предизвикана од овие написи во печатот – додал тој.
САД одбија јавно да го коментираат написот објавен во „Шпигл“ велејќи дека за обвиненијата за шпионажа ќе разговараат преку дипломатски канали.
– Ние, исто така, за овие прашања ќе разговараме и билатерално со земјите-членки на ЕУ – изјавил портпаролот на Канцеларијата на директорот за национално разузнавање. „Иако нема јавно да коментираме за конкретните наведени разузнавачки активности, како политичко прашање, ние јасно дадовме на знаење дека САД собираат странски разузнавачки податоци од типот на оние што ги собираат сите земји.“
Лод Вануст, поранешен заменик-претседател на белгискиот парламент, смета дека главната цел на американската надзорна програма е „економско шпионирање“ на ЕУ.
– Во моментов ЕУ преговара за нов договор за слободна трговија со САД – истакнал поранешниот заменик-спикер. „Па, сега САД може да собираат податоци за она за што противниците веќе меѓусебе разговараат во однос на стратегијата. Тоа е една од можностите.“
Вануст, исто така, верува дека дел од причината за шпионирањето се должи на падот на американската економска сила.
– На економски план САД пропаѓаат насекаде – рече тој. „Погледнете што прават БРИК-земјите (Бразил, Русија, Индија и Кина). ЕУ има посилни врски со Русија, со Африка, со Латинска Америка. А, се чини дека САД повеќе не успеваат да ги наметнат своите економски приоритети, како што беше порано. Значи она што го гледам е голем ризик од економска шпионажа“.
Тој додал дека се мали шансите дека билатералните односи меѓу САД и ЕУ целосно ќе се урнат зашто така може да се загуби многу, но дека зад затворени врати ќе се разменуваат многу тешки зборови меѓу ЕУ и американските власти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



