| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска е најтешкиот ден во годината, Велики Петок

Велики Петок, кој уште се нарекува и Распет петок, зашто на тој ден бил распнат Исус Христос, се смета за најтежок празник во христијанската религија.

Наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии, Велики петок се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.

Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.

Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале”.

Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела, кога за првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.

Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top