| четврток, 6 декември 2018 |

Цеца Ражнатовиќ: Зошто јас немам право да се кршам

Во интервју за магазинот „Стори“, музичката ѕвезда зборува за тоа како ја доживува љубовта, по кои емотивни принципи се води во животот, дали размислува да се омажи повторно, открива зошто не паѓа лесно психички и зошто смета дека многу нешта се во рацете на судбината

Фолк-ѕвездата Цеца Ражнатовиќ (44) е личност што нема да каже „не одговарам на такви прашања“ или „сменете ја темата“, но ќе успее разговорот да го задржи во водите што ѝ се пријатни. Иако е многу срдечна, од самиот почеток знаете дека нејзиниот свет ќе остане нејзин во онаа мера во која сака таа. Сигурно е дека турбуленциите, со кои нејзиниот живот изобилуваше, ја научиле дека така е најсигурно. Но токму поради на моменти блескавиот, а на моменти трауматичен живот, интересно е да се слушне како денес, кога има четириесет и четири години, ја доживува љубовта, какви ѝ се емотивните планови, по кои принципи се води, дали размислува да се омажи повторно…

Периодов, кога правите своевидни биланси, дали сте задоволни од претходните месеци и какви ви се желбите за оваа година?

– Минатата година беше работна. „Ноторни лажов“ е на албумот на Саша, а мојот албум, чии подготовки се во тек, треба да се појави на средината на оваа година. Знам, ќе кажете дека сакам да зборувам само за работниот дел од мојот живот, но сите мои желби, приближно, се пола-пола. Мислам дека приватноста е нешто што треба да остане само ваше, но кога се занимавате со работа како што е мојата, тогаш неминовно сѐ станува јавно. Кога ќе дојдете во оваа животна доба, желбите стануваат поинакви, бидејќи настојувате да ги ставите во реални рамки.

Дали некогаш сте биле склона на фантазирање?

– Од тоа не се откажувам ни денес. Човекот е жив во вистинска смисла сѐ додека себеси си поставува цели, фантазира и има желби. Во позрели години фантазијата се сведува на рационално остварување на желбите.

Вие од младоста до, како што велите, зрелите години поминавте и моменти на најголем триумф и многу болни ситуации. Кога беше најлошо, што ви даваше вера дека ќе биде подобро?

– Секогаш енергијата, пред сѐ, ја црпам од семејството. Тие се, буквално, столбови на моето постоење. На второ место е мојата публика, која, и кога ми е најтешко, е покрај мене. За публиката не зборувам на овој начин затоа што мислам дека убаво звучи, туку затоа што тоа се факти. Благодарение на тие мои потпори, успевав да се извлечам и од вистинските бездни.

Дали, кога ви беше најтешко, побаравте помош од психолог, свештеник, животен тренер?

– Не сум личност што толку лесно паѓа психички. Мајчинството ме направи подготвена да се соочам со секоја животна ситуација. Мајките знаат дека, во моментот кога ќе родат деца, животот им се менува од корен. Едноставно, немате право на психички падови, па дури ни да бидете болни. Секогаш морате да бидете тука за нив, на кои сте им и пример и потпора во животот. Отец Стефан веќе со години е духовно лице на целото наше семејство. Кога нешто не знам или некои прашања ме збунуваат, ги разјаснувам во разговор со него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top