| четврток, 6 декември 2018 |

Комедијата на ситуации „Без галама“ премиерно на големата сцена на МНТ

Вечерва, на 31 март, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе биде изведена претставата „Без галама“ работена според текстот на Мајкл Фрејн, а во колективна адаптација. Режисер на претставата е Тони Михајловски.

Во претставата играат: Весна Петрушевска, Игор Џамбазов, Камка Тоциновски, Нино Леви, Арна Шијак, Александар Михајловски, Емилија Мицевска, Александар Ѓорѓевски и Стефан Спасов.

Сценограф е Татјана Христовска, а костимите ги изработија „Сињори“ и Ивана Кнез.

Ова е четврта копродукциска претстава која се поставува на сцената на МНТ, по „Госпоѓа Министерка“, „Која се плаши од Вирџинија Вулф“ и „Брачна игра“. Екипата која игра во претставата „Без галама“ е составена од искусни и докажани глумци кои ќе бидат надополнети со „млади сили“.

– Одамна на големата сцена на МНТ не е поставена комедија на ситуации, каква што е нашата претстава. Можеби последна таква е „Свадбата на Фигаро“ – вели актерката Весна Петрушевска.

Таа објасни дека скоро три месеци ја подготвувале претставата, а во меѓувреме се смениле и дел од актерите кои играат во комедијата.

– Постои легенда дека кога оваа претстава се играла во Велика Британија, столчињата во публиката биле влажни поради тоа што гледачите многу се смееле додека ја гледале претставата – рече Петрушевска.

Таа смета дека „Без галама“ треба да се игра почесто, иако публиката е таа која го дава последниот суд.

– Ние играме за публиката и таа нам ни е најголем репер. Сметам дека направивме добра претстава која долго ќе биде на репертоарот. Да се игра комедија е исклучително тешка задача. Но, сигурна сум дека ќе бидеме одлични и нема да ве разочараме – заврши Петрушевска.

Следната изведба на „Без галама“ е следниот ден, на први април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top