| четврток, 6 декември 2018 |

Чавков повторно во притвор бидејќи полицијата двапати не го нашла

ксминистерот за внатрешни работи, Митко Чавков повторно добил притвор бидејќи откако бил пуштен во домашен притвор, при полициска контрола не бил најден во неговиот дом, брифираат од Кривичниот суд

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков не бил најден на адресата што ја пријавил за престој додека е во куќен притвор, откако Врховниот суд на 26 март донесе одлука да биде пуштен од притвор во истражниот затвор во Шутка, објасни денеска претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев бидејќи во јавноста се создаде дилема дали Кривичниот совет смеел да му одреди притвор на Чавков само по два дена откако Врховниот суд му одреди куќен притвор.

Џолев објасни дека нема поврзаност, односно станува збор за две постапки, односно одлуката на Врховниот суд се однесува на мерки на претпазливост во фаза на истрага, додека последната одлука на Кривичниот суд е донесена по поднесување на обвинителниот акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.

-Судот добил известување од полициската станица „Центар“ дека на 27 март на адресата што била наведена како место на кое лицето ќе биде во куќен притвор полицијата два пати го побарала, во 18 и во 20.30 часот, и во двата наврати лицето не било најдено на адресата и никој не отворал врата. Вечерта била донесена одлука Чавков да биде вратен во притвор во Шутка и потоа бил најден на друга адреса, кажа Џолев на денешниот брифинг со новинарите, додавајќи дека и двата суда донеле одлука да биде во притвор, едниот во куќен, другиот во затворот во Шутка.

На 27 март во 18, но и во 23 часот Чавков не бил во домот, но и никој не отворил врата. Па така, Кривичниот совет одлучувајќи по предлогот на обвинителството, а кој следуваше по подигање на обвинителниот акт, во обзир ја зема и оваа околност бидејќи во Законот за кривична постапка, член 163, став 4 јасно е наведено дека ако лицето се одалечи од домот, против него ќе се одредеи притвор.

Подоцна, судот добил известување дека Чавков не бил во домот, бидејќи самиот одлучил мерката куќен притвор да ја издржува на друга локација, односно не на адресата за која Врховниот суд бил информиран.

Врховниот суд одлучувал по жалба на обвинетите за притвор што им бил одреден во фаза на истражна постапка, а Кривичниот совет во втора фаза од постапката, односно по веќе поднесено обвинение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top