| четврток, 6 декември 2018 |

Народниот правобранител: Власта ги повреди правата на пратениците при нивното приведување

При приведувањето на пратениците и нивното лишување од слобода на 28.11.2017 година е повредено правото на пратенички имунитет и принципот на пресумција на невиност, констатираше Народниот правобранител Иџет Мемети во годишниот извештај за 2017 година. Во извештајот стои и дека при приведувањето на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков полицијата ги прекршила уставните и законски права и се однесувала непрофесионално и нехумано со што е повредено човековото достоинство.

– Непрофесионалност на полицијата се потврди и во случаите со приведувањето на тројцата пратеници, кои со лисици беа спроведени до судот, без притоа да се почитува нивниот имунитет. Најавените реформи кои се прават во оваа област треба да одат токму во оваа насока – создавање на професионална полициска служба која ќе биде имуна на секакви влијанија, се вели во извештајот.

Во извештајот стои и дека канцеларијата на Народниот правобранител има поднесено уште осум други претставки за приведувањата за настаните од 27-ми април меѓу кои и за приведувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, каде се вели дека полицијата постапувала непрофесионално и нехумано со што на приведените им било повредено човековото достоинство.

– Во сите претставки доминираа наводите дека припадниците на полицијата од Скопје, Куманово и Битола, кои учествувале во претресот на домовите и приведувањaта, ги прекршиле нивните уставни и законски права со тоа што постапиле спротивно на Законот за кривична постапка и законската регулатива на полициското работење и кон нив се однесувале непрофесионално и нехумано. При приведувањето им биле ставени лисици на рацете, иако тие не пружиле никаков отпор, при што биле изложени на непријатности пред членовите на нивните семејства и пред други луѓе, а со ваквото однесување на полицијата им било повредено и човековото достоинство, се потенцира во годишниот извештај на Народниот правобранител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top