| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас: Посакувам другата страна да има сила да донесе тешки, но неопходни одлуки

Се надеваме дека ќе има одѕив и од другата страна, бидејќи за нив е прашање од егзистенцијално значење. Посакувам да го сфатат тоа и да имаат сила да преземат тешки одлуки, што се неопходни, порача од Солун грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи за прашањето за името на 11 Регионална конференција за продуктивна реконструкција, организирана од Министерството за финансии на Грција и периферијата Централна Македонија.

– Не значи дека влегуваме во преговорите за да постигнеме било какво решение. Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна, рече грчкиот премиер, и додаде дека Атина сака решение што во иднина ќе им „даде можност на двата народи да продолжат мирно по патот на соработката и развојот“.

Ципрас повтори дека Грција не е под притисок, а во преговорите за изнаоѓање решение учествува затоа што смета дека тоа е правилно.

– Сакаме решение што ќе издржи низ времето, а не решение што ризикува многу брзо да се урне и затоа, меѓу другото, како предуслов ја ставивме и промената на Уставот на соседната земја, додаде Ципрас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер, повторно се осврна на спорот со името откако префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, претходно рече дека „единствено решение е договор што нема да го вклучува терминот Македонија во името на соседната земја“.

Грчкиот премиер, во неговиот говор на конференцијата, порача дека грчката област Македонија и градот Солун кои тежнеат да бидат столб на развој во регионот, би умале само корист од решавање на спорот со името.

– Не го разбирам избрзувањето на Апостолос (Ѕиѕикостас) денеска да излезе со став, заземајќи позиција што нѐ враќа уште поназад и од националната линија што беше формулирана во 2008 во Букурешт, кога беше пратеник на мнозинството што ја создаде оваа национална линија, рече Ципрас обраќајќи се до префектот на грчката област Централна Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top