| четврток, 6 декември 2018 |

Демир Капија – Смоквица ќе доцни до есен(?): Владата ги моли „Актор“ да оперира со тунелот, Катица го гони (3)

Иако е целосно готов, автопатот Демир Капија – Смоквица изгледа нема да биде пуштен во употреба ниту во средината на следниот месец, како што претходно беше најавено од Владата, дознава „Република.“ Според нашите извори, пролонгирањето може да трае и до есен.

Како што дознаваме, овојпат причина за одложувањето ќе биде волјата на властите во тимот кој ќе оперира со тунелот на делницата да вработи лица кои се партиски активисти на СДСМ.

Претходно имаше објавено оглас за 40 вработувања на лица кои во 4 смени ќе работат на тунелот. Според меѓународните процедури, на ваквите подолги тунели потребно е да има вработени за да оперираат со нив, но откако СДСМ дојде на власт, тие го поништиле огласот и распишале нов со кој наместо претходните 40 вработени ќе се вработат 70.

-Во првиот оглас, кој го распиша претходната власт, услов беше вработените да бидат со високо образование од технички науки, а во вториот ваквите стандарди не се следеа, па се земаа луѓе кои ниту се соодветно образовани, ниту знаат англиски јазик. Сега тоа создава проблем, затоа што фирмата „Актор“ практично не може да обучи вакви кадри кои, пред сè, не ни знаат англиски јазик на кој се одвива наставата во Грција – вели нашиот извор од Министерството за транспорт и врски.

Откако станало очигледно дека овие кадри не можат да се обучат во тренинг-центарот на „Актор“ во Грција, од владата ја молеле компанијата „Актор“ да испрати понуда за таа да го оперира тунелот, а овие кадри да се обучуваат на самото место.

Ова е многу чувствително прашање. Освен за мониторинг овие кадри ќе бидат задолжени и за контрола на кислорот во тунелот. Доколку се направи минимална грешка, во тунелот може да се случат фатални трагедии, вели нашиот извор.

Два дена по почетокот на преговорите помеѓу „Актор“ и Владата за тоа кој и како ќе стопанисува со тунелот, СЈО отвори истрага против компанијата и ексфункционерите со сомнение дека за компанијата да почне да работи се местел тендер.

Поради овој однос на македонските власти, како што дознаваме, од „Актор“ размислуваат целосно да ја прекинат соработката, што уште толку би го пролонгирало отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Но, истрагата на СЈО почна наскоро да се урива како кула од карти. Италијанската фирма „Тото“ поради која СЈО отвори истрага за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица била дисквалификувана од членовите на тендерската комисија од ЕУ, откриваат документите до кои стигна „Република“.

Според СЈО, на тендерот прва најповолна понуда имала токму оваа компанија, а втора била понудата на „Актор“ и луѓето кои сега ги сомничи Јанева, всушност, наместиле „Актор“ да го добие тендерот, а не најповолниот „Тото“.

Но, ревизијата која е направена од страна на истражувачката агенција ОЛАФ, по нарачка на  Европската комисија, покажува дека компанијата „Тото“ била дисквалификувана од страна на претставниците на ЕУ во тендерската комисија. Европската комисија во ова тело имала пет члена, а македонската влада два.

Катица во офсајд за „Актор“: Фирмата фаворит на СЈО била дисквалификувана од ЕУ

Република претходно го објави целиот извештај на ОЛАФ за Европската комисија, со кој се потврдува дека тендерот е целосно чист и одобрен од страна на Европската Комисија.

Случај „Актор“: Заради политика и политички монтиран прогон СЈО ги отфрли и аргументите на ЕУ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top