| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија со втора победа над Фарски Острови, шансите за ЕП остануваат

Женската сениорска репрезентација на Македонија ја забележа втората победа во квалификациите за Европското првенство во Франција. Избраничките на Симе Симовски по првата победа на гости во Торшавн со 22-15, славеа над Фарски Острови и во Скопје со 28-24, па сега се на третата позиција без шанси да бидат загрозени до крајот на квалификациите.

Отворија нашите ракометарки со 2-0, но гостинките се вратија набрзина до 2-2. Петковска врза три одбрани на голот и Македонија со серија од три голови се одлепи на 5-2, преку сестрите Ѓорѓиевски и Бајрамоска. Беше 5-3, но тргна уште една домашна серија за 8-3 во 14. минута и стана јасно кој е кој на овој натпревар.

Намалија островјанките на 8-5, но веднаш вративме за 10-5, а подоцна нашите репрезентативки ја одржаа предноста, 12-7. Имаше многу грешки во следниот период и на двете страни, промашени зицери, но и голмански одбрани, но и покрај тоа Македонија стигна до највисоките +6, со кои се замина на пауза, 14-8.

Македонија и вториот дел го отвори со гол за 15-8 преку повратничката во националниот тим, Марија Штериова. Беше и 16-9, а гостинките се заканија за момент со серија од три голови за 16-12. По 18-14, повторно стигнавме до највисоките +7, 21-14, но репрезентацијата на Фарски Острови пак се врати на пристојни пет разлика, 21-16.

До крајот немаше дилеми околу победникот, иако гостинките беа упорни и се трудеа да го загрозат нашето високо водство. Стигнаа во 54. минута и до -4, 24-20. Беше и 25-21, а во завршницата рутински ја одржавме предноста за конечни 28-24.

Најдобри во нашата репрезентација беа Саздовска со седум, капитенот Ѓорѓиевска даде шест голови, по трипати во листата на стрелци се запишаа Штериова, Бајрамоска и Гакидова. додека голманката Петковска имаше 11 интервенции.

За Македонија останува да ги одигра уште двете последни седби во квалификациите против Шведска дома и Србија на гости. Шансите за пласман на ЕП се можеби теоретски, но надежта за најдобро третопласирана репрезентација која може да се најде на континенталниот шампионат остануваат до јуни.

Извор: гол

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top