| четврток, 6 декември 2018 |

Кокинакис му го одзеде тронот на Федерер

Танаси Кокинакис дефинитивно го направи најголемото изненадување на Мастерс турнирот во Мајами, откако во втората рунда успеа да го елиминира главниот фаворит за титулата и светски рекет број еден, Рожер Федерер.

Бранителот на титулата пристигна во Мајами по драматичниот пораз од Дел Потро во финалето на Индијан Велс, а денеска во едно слично сценарио загуби уште еден меч, овојпат од младиот Австралиец со грчко потекло. Федерер го доби првиот сет со пристојна реализација на својот сервис и се чинеше дека нема да има големи проблеми (6:3), но неговиот огромен пад во играта во вториот сет кој Кокинакис го доби со идентични 6:3 му дозволи на противникот да се надева на големо изненадување.

Искусниот Швајцарец беше поблиску до брејк во одлучувачкиот сет и во неколку наврати го загрози сервисот на Кокинакис, но откако не ги искористи шансите, во тај-брејк завршницата подобар беше Кокинакис кој со неколку фантастични винери ја завери најголемата победа во кариерата со 7:4.

Што се однесува до Федерер, по феноменалниот старт од 17:0, ова за него е втор пораз во низа, а со ваквиот расплет ќе го загуби првото место на АТП ранкингот и на врвот без играње ќе се врати Рафаел Надал кој брани огромен број на поени на турнирите кои претстојат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top