| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија потона во мрак за спас на Земјата

Градот Скопје вечерва во периодот од 20:30 до 21:30 часот беше дел од глобалната акција „Часот на планетата Земја“ и го исклучи осветлувањето на неколку објекти во центарот на градот.

Осветлувањето беше исклучено на плоштад „Македонија“ со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, колонадата, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, плоштадите „Мајка Тереза“ и „Филип Втори“, мостот „Око“, Мостот на уметноста, Палата Пелистер, Ристиќева Палата, Сити Галери и хотелот „Мериот“.

На плоштадот „Македонија“ заедно со волонтерите на Црвениот крст беше испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи. Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, акустичен концерт одржа младата пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители имаа можност да добијат флуоресцентна алка и флуоресцентен цртеж на своето лице.

Македонија деветта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“ кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак потонуваат над 180 земји и 7.000 града низ светот.

Како што акцијата патува низ часовните зони, милиони луѓе преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, за борба против климатските промени и за подигнување на јавната свест за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top