| четврток, 6 декември 2018 |

Што пишуваат грчките медиуми по посетата на Коѕијас во Скопје?

Новинарот на телевизијата „Скај“ во неговиот извештај од Скопје оцени дека и покрај позитивната клима на средбата на двајцата министри, сепак на прес-конференцијата се покажале несогласувањата на двете страни

Грчките телевизии „Скај“ и „Антена“ објавија дека шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во разговор со грчките новинари рекол оти по средбите во Виена можеби ќе ја посети Атина и изразил желба дека сака да се запознае со Панос Каменос.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, новинарите, кои заедно со грчката делегација пристигнаа во Скопје, коментираат дека посетата на Коѕијас поминала во добра и пријателска клима и оти постои хемија меѓу двајцата министри и волја за решение, но дека разликите остануваат непроменети, а се однесуваат на Уставот и формулацијата на името.

– Двајцата министри од четвртокот вечерта поминаа шест часа заедно, отворајќи ги сите прашања. За сега се чини дека не се направија многу чекори напред, напротив, излезе нов проблем, како што сфативме од господинот Димитров, а тоа е името. Сака да биде со 2 збора и да биде преведено на англиски јазик. Второто големо прашање е Уставот. Не само промена на иредентистичките точки, туку и во однос на опсегот на употреба на името. Скопјаните сакаат двојна формула за името, објави грчката телевизија „Стар“.

Новинарот на телевизијата „Скај“ во неговиот извештај од Скопје оцени дека и покрај позитивната клима на средбата на двајцата министри, сепак на прес-конференцијата се покажале несогласувањата на двете страни.

– Господинот Димитров објасни дека е негативен во однос на варијантата име без превод како на пример Горна Македонија, додека пак господинот Коѕијас од негова страна објасни дека за Грција, промената на Уставот е предуслов за било кое решение, рече новинарот од телевизија „Скај“.

Весникот „Та неа“ коментира дека ако некој сака да извлече заклучок од историската посета на Коѕијас во Скопје, „би рекол дека двете страни се доста далеку за да постигнат договор“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот под наслов „Коѕијас: Направивме чекори напред“, пишува дека и од двете страни има волја за решение „што ќе ги отвори вратите на иднината“.

На волјата за решение, акцентот го става и новинарката од грчкото издание на „Euronews“.

– Повеќе оптимист од тоа што беше кога отиде во Скопје, ја заврши дводневната посета на ПЈРМ, министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас. На средбите што ги имаше со политичкото раководство на земјата, ниту една од страните не криеше дека сѐ уште постојат точки во кои нема поклопувања, но сепак се покажа дека и двете страни имаат волја да се најде решение, објави Euronews, пренесе МИА.

Грчките медиуми, во извештаите од Скопје ги пренесоа изјавите на двајцата шефови на дипломатиите, но коментираат дека дали и колку двете страни може да стигнат до договор и решение на проблемот, веројатно ќе се знае по средбата во Виена следниот петок.

Euronews на грчки јазик, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека се очекува Нимиц да претстави правен текст на ОН, во кој двете страни ќе ги додадат и ќе ги одбележат точките во кои има поклопување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top