| четврток, 6 декември 2018 |

Не заборавајте, почнува летното сметање на времето!

Во недела (25-ти март), во 2 часот наутро, Република Македонија ќе премине на летно сметање на времето. Тогаш стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред и наместо 02 да означуваат 03 часот.

За разлика од зимското време кое е „реално“ и „вистинско“, летното време е административно или указно. Истото ќе заврши во недела на 27 октомври во 3 часот по полноќ, кога повторно ќе се премине на зимското, реално време.

Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ.

Инаку, летното сметање на времето кај нас е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Во Република Македонија не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.

Според тоа, во недела ќе спиеме еден час помалку, но затоа пак ќе уживаме во долгите попладневни сончеви часови, се до повторното преминување на зимското време.
Автор: д-р Ивица Милевски / igeografija.mk/Portal/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top