| четврток, 6 декември 2018 |

Кина е спремна за влез во трговска војна со САД

Кинеското раководство соопшти на каков начин ќе одговори на воведувањето казнени царини од страна на САД. Постои надеж дека трговската војна сепак може да се избегне преку посредувачки разговори, пишува Дојче веле.

Како реакција на царините во висина од околу 60 милијарди долари, кои САД ги најавија за увоз на кинески производи, Пекинг планира исто така одговор со соодветни трговски мерки. Планирано е воведување царини за американскиот увоз во волумен од три милијарди долари, соопшти кинеското Министерство за трговија. За внесување американско свинско месо би била воведена царина од 25 проценти, за челични профили, овошје и вино од 15 проценти. Кина состави список од вкупно 128 американски производи, што можат да бидат засегнати, ако двете држави не успеат да се договорат за трговските прашања.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша декрет за казнени царини против, како што рече, ривалот Кина. Тој го образложи потегот со нечесните трговски практики и крадењето на интелектуална сопственост од страна на Пекинг, истакнувајќи дека дефицитот на САД со Кина е „вон контрола“ и дека изнесува 504 милијарди долари. Времињата во кои Кина се богатеше на сметка на САД се минато, истакна Трамп. Американската влада е посебно гневна на кинеската пракса според која странските фирми за пристап кон кинескиот пазар се обврзани да влегуваат во договорна соработка со кинески фирми и со нив да ги споделуваат своите технички, производствени и комерцијални тајни.

Иако имаше претходни најави, Трамп сепак од казнени царини, барем засега, ги поштеди земјите од ЕУ.

Изгледите за распламтување трговска војна предизвикаа стравувања кои се отсликуваат во пад на берзите во Азија и до 4,5 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top