| четврток, 6 декември 2018 |

600 гости на свадбата на Хари и Меган, еве што задолжително треба да носат жените

Британскиот принц Хари и неговата американска свршеница Меган Маркел поканија 600 гости на свадбата на 19 мај, пренесоа светските агенции.

Од палатата Кенсингтон соопштија дека поканетите на церемонијата во параклисот “Сент Џорџ” на замокот Виндзор ќе присуствуваат и на ручек потоа. Подоцна вечерта 200 гости ќе бидат пречекани на приватен прием во блиската куќа Фрогмор. Домаќинот ќе биде таткото на Хари, принцот Чарлс.

Кралските покани се печатат со златно и црно, потоа се додава сјај и краевите се позлатени. Тие беа испратени до примачите оваа недела. Сè уште нема информации за тоа кои гости се очекуваат.

Во поканите на мажите им е наложено да носат фрак или костум, а жените – официјален фустан и шапка.

Околу 1.900 луѓе беа поканети на раскошната свадба на постариот брат на Хари, принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт, во лондонската Вестминстерска опатија во 2011 година.

Меѓу гоститесе познати личности како Елтон Џон, Дејвид Бекам и неговата сопруга Викторија, како и кралските личности од различни делови на светот и политичарите.

Некои британски весници шпекулираа дека принцот Хари може да го покани поранешниот американски претседател Барак Обама, но не и Доналд Трамп.

Клаудија Џозеф, авторка на биографска книга за Кејт Мидлтон, изјави дека Хари не би сакал да направи нешто што би имало политички последици и ќе ја стави кралицата во непријатна положба.
“Хари ја сака својата баба и не сака да ја вознемири. Последното нешто што тој би сакал да го направи е да предизвика трета светска војна “, објасни таа.

Според неа, британскиот принц и свршеницата Меган Маркел одбрале поинтимна свадба отколку Вилијам и Кејт.

Во почетокот на месецот беше објавено дека над 2 500 лица ќе бидат поканети да учествуваат во прославата на денот на свадбата на 19 мај. Тие ќе можат да го следат пристигнувањето на невестата и младоженецот, нивните гости и преминувањето на процесијата со кочии, штом тие ќе заминат од палатата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top