| четврток, 6 декември 2018 |

Советници од ВМРО – ДПМНЕ повикани во полиција на распит: Не шиканираат за мирен протест и испејани три патриотски песни

Советниците во општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Лазаровски и Тони Јаревски кои со група граѓани во неделата протестираа пред домот на пратеничката Фросина Ташевска – Ременски поради изгласувањето на Законот за јазиците, уште во понеделникот, денот по протестот, биле повикани на распит во полиција.

Тие велат дека освен тоа што го искористиле демократското право за изразување протест, не направиле ништо недозволено, не навредувале никого и воопшто не биле во непосредна близина на куќата на Ременски, туку на главната улица каде пееле патриотски песни.

– Денот по протестот, во понеделникот, ми стигна покана за распит во полициската станица, а на пријавата стоеше членот 386 кој е за кривично дело – насилство. Останав зачуден бидејќи на протестот не можеше да стане за никаков вид на насилство. Се пееја патриотски песни, се протестираше на мирен начин 10-15 минути и тоа беше тоа. Протестот всушност е не беше непосредно пред куќата на Ременски, туку на самата улица. Не беше влезено во нивниот двор, така што за какво насилство станува збор, навистина не ми е јасно, истакна Сашо Лазаревски.

– Морам да признаам дека се сомневам дека нејзиниот сопруг кој е на функција во МВР ја користи неговата позиција затоа што е симптоматично да ми стигне покана за распит веднаш следниот ден по протестот кој не може да се оквалификува како ништо друго освен мирен, додаде тој.

И Тони Јаревски, советник на ВМРО – ДПМНЕ во општина Карпош, кој исто така добил покана за распит, вели дека се комплицира еден мирен протест за кој единствениот мотив било покажување на револтот од изгласувањето на законот за употреба на јазиците.

– Не шиканираат 3 дена за еден мирен протест. Стоевме на 50-тина метри од куќата на Ременски. До пред нејзиниот двор воопшто не ни можеше да се дојде бидејќи полицијата го имаше затворено влезот до споредната улица кон нејзината куќа. Испејавме две-три патриотски песни, протестиравме мирно и си заминавме. И заради сето ова не шиканираат 3 дена…изјави за „Република“ Тони Јаревски.

– Се зборува за некакво непостоечно насилство, немасто за причината за која беше одржан протестот. Граѓните сакаа да го искажат своето незадоволство од изгласувањето на законот за употреба на јазиците пред единствената пратеничка од општина Карпош во Собранието. Тоа беше единственото место каде незадоволните граѓани тоа можат да го направат, бидејќи во Карпош нема канцеларија или нешто слично за комуникација на граѓаните со пратениците, вели Јаревски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top