| четврток, 6 декември 2018 |

Му пукаа во грб: Пред 17 години полицаецот Јане Јакимовски трагично го загуби животот

На вчерашен ден пред точно 17 години  во трговскиот комплекс Чаирчанка во Чаир, Скопје, на подмолен и кукавички начин е убиен полицаецот Јане Јакимовски откако му било пукано во грб.

Јане Јакимовски е роден на 6 јули 1966 година во Крива Паланка. Тој во средношколските денови имал силна желба да се запише на Факултетот за безбедност. По запишувањето на факултетот, и по завршување на вишата школа, затоа што биле потребни такви кадри, бил распореден на работа во Пробиштип. Таму бил до 1992 година, кога бил прекомандуван во Крива Паланка. Бил многу почитуван меѓу колегите, а во кариерата напредувал до командир на посебната единица. Униформата била негова гордост, а солидарноста со луѓето во невоља, начин на потврда на високата професионалност. Јане требало да биде распределен на друго работно место, а на неговото место да дојде помладиот Горан Стојановски, кој загина на почетокот на март 2001 година при експлозија на нагазна мина кај селото Брест (Скопско).

Иако дома имал две мали деца, Јане постојано биле на терен за време на војната 2001 година. Почнал во Танушевци, во февруари, и потоа ги поминал сите жаришта што се отвараа низ Македонија. Заврши во Тетово каде што во тоа време се водеа најжестоките борби. Сето тоа го помина без ниедна гребнатинка, за да биде убиен кукавички, од зад грб, додека пазарувал во скопската населба Чаир.

Според информациите на семејството, триесет и петгодишниот Јане бил убиен од терористите додека седел во една од продавниците за мобилни телефони во трговскиот центар „Чаирчанка“ во Скопје. Во Јане пукале двајца Албанци облечени во црно, кои потоа побегнале од местото на злосторството. Притоа, како што подоцна изјавиле некои очевидци, едниот од нив рекол дека треба да се пука во повисокиот, значи во Јане. Другиот полицаец кој бил со него останал жив и здрав, иако седел сосема близу до убиениот. Токму поради ваквите гласини, роднините се сомневаат дека убиството го имаа извршено припадници на терористичката ОНА кои дејствувале во двојки во Скопје и кои имале некакви сознанија за функцијата на Јане. Се претпоставува дека овие градски терористички двојки биле координирани од штабот на таканаречениот командант Тели, кој заедно со уште неколкумина терористи подоцна беше убиен во антитерористичка акција на ЕСЗ Тигар во една куќа во скопската населба Чаир. Јане зад себе ги остави своите две деца и сопругата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top