
Во Собранието ќе се формира анкетна комисија за случајот на малиот Алмир Алиу. Иницијативата дојде од пратеничката група на ДУИ по средбата со дел од семејството на Алмир и нивниот адвокат. Меѓу интерпелација на главниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и формирањето анкетна комисија, семејството и одбраната се одлучиле за втората опција. Се очекува поддршка од сите парламентарни партии.
На прашањето дали ќе се побара бирото за судски вештачења со кое сега раководи поранешниот министер за правда, Валдет Џафери, да ја разгледа невропсихијатриската експертиза на обвинетиот Бобан Илиќ, од одбраната на семејството Алиу велат дека тоа очекуваат да го вклучат во работата на Комисијата. А, од ДУИ денеска тврдат – оставката на министерот за правда, Билен Салији била од морални причини и немало врска со најавите за реконструкција на Владата.
-Токму пред семејството ги претставивме сите можни опции, вклучувајќи ја и Анкетната комисија, работна група и можна интерпелација и заедно со семејството, не сакајќи да одлучуваме во нивно име, сакајќи да ги консултираме нив, одлучивме дека најдобар начин е анкетна комисија. Не за да се направи политички судир меѓу партиите, пратениците и обвинителот, туку да му се помогне на процесот и да дојде до душевен спокој за Алмир и неговото семејство- изјави Артан Груби, пратеник на ДУИ
Доколку од парламентарното мнозинство или од ДУИ имаше барање за интерпелација на Јовевски, тоа можеше да ја добие и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ што ќе доведеше до дефинитивно разрешување на Јовевски.
Иницијативата за анкетна комисија доаѓа по преквалификација на делото во случајот Алмир Алиу од “убиство” во “тешко кривично дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот” како и по вчерашниот протест пред Владата, каде демонстрантите побараа оставки од Јовевски, од обвинителката Сузана Кусигерска и судијката Маја Денковска. Ова не е прва иницијатива за анкетна комисија во Собранието за чувствителни случаи. Но, претходно таму пропаднаа комисии за исфрлањето на пратениците на СДСМ на 24 декември, како и за прислушувањата. На денешната средба со членовите на семејството не дојдоа пратениците Мирсада Емини-Асани, Џеват Адеми, Бранко Манојловски, пратеникот од нивниот регион Реџаил Исмаили, ниту лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


