| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не може да ве спречи да протестирате пред нечиј дом

Ременски и останатите пратеници само сакаат да плашат мечки со заканите упатени кон граѓаните. Нема суд кој ќе утврди кривична одговорност заради мирно изразување незадоволство од работата на актуелни политичари

Протестирањето пред домови не е кривично дело и секој има право на протест, оценуваат правните експерти. Откако вчера беа приведени граѓани а претходно од власта беа давани изјави дека ќе се затвораат демонстрантите, станува јасно – никој не смее да спречи мирен протест и да ви поднесе кривична пријава затоа што протестирате.

Правникот и поранешен антикорупционер Воислав Зафировски во изјава за Република вели дека никој не може да ви поднесе кривично дело затоа што протестирате пред нечиј дом.

-Тој што вели дека протестирањето пред нечија куќа е кривично дело, треба да образложи за кое кривично дело се работи. Тоа што граѓаните се појавиле пред нечиј дом сигурно си има одредена причина, односно тие се незадоволни од нечие однесување. Сѐ додека протестите се ненасилни, не може да стане збор за кривично дело. Слободата на протест е загарантирана и со уставот и со законите – вели Зафировски.

Наводните пријави за тероризам кои ги најави контроверзната пратеничка Фросина Ременски, Зафировски ги оценува како смешни, затоа што гневот искажан пред портата на Ременски нема никаква врска за тероризам.

-Инаку денес се создаде тенденција сѐ што не му се допаѓа на некого да биде прикажувано како тероризам, тоа е смешно. Тоа што нечиј мир дома е нарушен, во никој случај не е тероризам – додава Зафировски.

Со сличен став и професорката Тања Каракамишева. Таа вели дека правото на протест на граѓаните, правото на нивното мирно собирање и изразување незадоволство од политиките на власта претставува уставно загарантирано право кое не може да биде ограничено од никого.

-Граѓаните имаат право да го изразуваат своето незадоволство од актуелните политики и од изгласаните закони на пратениците, бидејќи пратениците се нивни избраници, и бидејќи тие како политички функционери имаат должност да водат сметка за јавниот интерес, и за државниот интерес. Граѓаните не можат да бидат повикани на кривична одговорност затоа што мирно протестирале, и мирно го изразиле своето негодување кон начинот како власта ја практикува власта. Ременски и останатите пратеници само сакаат да плашат мечки со заканите упатени кон граѓаните. Нема суд кој ќе утврди кривична одговорност заради мирно изразување незадоволство од работата на актуелни политичари. – вели Каракамишева за Република.

Каракамишева ја коментира и изјавата на пратеничката Фросина Ременски, која рече дека ќе поднесе кривична затоа што демонстрантите и го повредиле домот.

-Што се однесува до квалификацијата на Ременски дека граѓаните и го повредиле домот, Ременски треба да знае како професор дека не постои сторено дело повреда на неповредливост на нејзиниот дом, бидејќи никој не ѝ влегол во домот или во нејзиниот двор, ниту се обидел на такво нешто. Лажното пријавување на кривично дело е кривично дело. А во однос на јавно изразените изјави на протестантите, Ременски исто така треба да знае дека вербалниот деликт беше казнив во времето на комунизмот, и дека сега иако „ребрендираните“ комунисти се на власт, сепак делото вербален деликт веќе не е казниво дело – вели Каракамнишева.

Во исто време, во изминатиот период СДСМ и Шарените револуционери организираа протести пред домови, па никој за тоа не одговараше.

Во 2016 СДСМ организираше протест пред домот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на кои присуствуваа голем дел од пратениците на кои сега им се протестира пред домовите затоа што гласаа за Законот за двојазичност.

Претходно, СДСМ протестираше и пред домот на ексградоначалникот на Битола, Владимир Талевски, кој во времето на протестите беше актуелен градоначалник.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top