Грчката Нацрт-спогодба која содржи предлози за решавање на спорот за името е пристигната во Владата и таа првпат ќе биде разгледана во Скопје, заедно со нацрт-спогодбата подготвена од македонската Влада која им била доставена на грчките власти, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.
Според него, нацрт-спогодбите се алатки што можат да бидат од помош во процесот на преговори, но клучен елемент е нацрт-меѓународен договор што треба да дојде од медијаторот на ОН во спорот Метју Нимиц.
„Ние не можеме да правиме билатерални договори или какви било документи. Процесот се води под покровителство на ОН. Сето друго се алатки што можат да бидат од помош. Може воопшто и да не бидат составни делови на она што треба да биде конечна верзија на меѓународен договор или спогодба со Република Грција. Од тој аспект тоа е нешто што не е ставено на разгледување, ниту е дискутирано, а првпат ќе биде разгледувано на средбата што ќе се случи овде во Скопје. Тогаш можеме да информираме за деталите. Важно е да се посветиме на процесот во функција на негово решавање. Јас сум убеден дека извршната власт, јас лично како премиер, министерот за надворешни работи и другите политички чинители, институциите, но и медиумите, будно ќе го следат процесот, но со аспект на одговорност за да успее“, рече Заев.
Тој не сакаше да говори за детали, со цел, како што рече, да им даде шанса на преговорите, а на прашањето дали е точно дека фаворит на Грција е предлогот „Горна Македонија“, Заев одговори дека со грчката страна сѐ уште не е разговарано за географска одредница.
„Можеби во Македонија јас најмногу сакам и верувам во успех на преговорите. Не сме разговарале за конкретно име од наша, ниту од нивна страна“, рече Заев.
Тој одби да одговори што содржи нацрт спогодбата од Атина, но кажа дека во македонската верзија има технички аспекти за структурата на меѓународниот договор, кој во иднина би се потпишал доколку преговорите резултираат со успех.
„Во нашата нацрт спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви договори, формулации во делот на името, употребата, идентитетските прашања, кодовите. Тие сѐ уште се на маса на преговорите и се празни полиња. Нема ништо ново од последната средба во Виена, нема помрднување на позициите и затоа ништо не може да биде ставено во документ. Важен елемент е меѓународниот договор кој ќе го предложи медијаторот, Метју Нимиц, додека ова се алатки кои можат да бидат од помош. Може воопшто да не бидат составени делови од конечната верзија на договорот“, додаде Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст