| четврток, 6 декември 2018 |

Словачкиот претседател одби да ја именува новата влада

Словачкиот претседател Андреј Киска денеска одби да ја именува владата што ја предложи мандатарот Петер Пелегрини и побара од него до петок да достави нови кандидати за министри.

– Пелегрини треба да ги убеди луѓето дека новата влада ќе ги донесе оние промени кои ги очекуваме, изјави Киска.

Тој нагласи дека Пелегрини треба да формира стабилна влада чиј кадровски состав, пред се во Министерството за внатрешни работи, ќе биде во состојба да ја смири тензичната состојба во словачкото општесттво.

– Му ги искажав моите конкретни забелешки на предлогот и побарав од него до петок да предложи нов состав на владата, нагласи Киска.

Пелегрини беше избран за мандатар за состав на новата словачка влада откако досегашниот премиер Роберт Фицо во средата поднесе оставка, по притисокот од опозицијата поради скандалот со убиството на новинарот Јан Куцијак.

Телото на 27-годишниот Куцијак и неговата девојка Мартина Кушнирова беа пронајдени со прострелни рани на 25 февруари во нивниот дом.

Куцијак ги истражуваше активностите на италијанската мафија во Словачка и нејзините врски со лицата блиски до премиерот Фицо. Тој во последниот незавршен текст ги опишува активностите на членовите на криминалната организација Ндрангета во источна Словачка и поврзаноста со соработници на словачкиот премиер.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ), британскиот Скотланд јард и Европол и помагаат на словачката полиција во истрагата за убиството на новинарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top