| четврток, 6 декември 2018 |

Што исполни Заев од платформата од Тирана?

Премиерот Зоран Заев во преговорите да состави влада ја прифати и т.н. платформата од Тирана, која не само што ја спроведува, туку во некои делови oчигледно е дека го надминува ветеното. Тоа почна да излегува на површина особено од неодамна. На пример, ако Тиранската платформа вели расчистување на случаите, т.е. „расчистување на прашањата и на судските постапки како Сопот, Бродец, Монструм и Куманово преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган“, Заев отиде и понатаму и почна да ги ослободува лицата, на пример оние од случајот Монструм, по што СЈО се откажа и од Сопот.

Во Собрание на 14 март со заобиколување на процедурата беше усвоен и законот за употреба на јазиците. Владата одобри и средства за паралелен албански народен ансамбл и слично.

Обвинителка Катица Јанева се откажа од гонење за тероризам на обвинетите во случајот Сопот, бидеќи немала доволно докази. Обвинетите беа кривично гонети од 2003 година за тероризам, односно за подметнување на експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот, при што загинаа припадници на НАТО од Полска и еден Mакедонец. По ова осомничените, кривичниот суд ги осуди на вкупно 150 години затвор.

– По севкупна анализа на доказите изведени на главниот претрес и од „бомбите“ што ги имавме и анализите што ги правевеме во доказите што ги прибравме во предистражната постапка, сметавме дека е праведно денеска да го повлечеме обвинението, бидејќи нема докази дека обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар, изјави Јанева по завршувањето на постапката за предметот Сопот.

Таа посочи дека предистражната постапка за делото се водела во две насоки – дали се криви сега обвинетите и кое е лицето кое е одговорно за убиството во Сопот. Во предистрагата, нагласи, има друга теорија за случајот која сега се истражува.

За случајот Монструм пак, или петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Кон крајот на ноември минатата година Врховсниот суд ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За Судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Минатата недела СЈО побарало да го преземе предметот Монструм. За случајот имаше закажано рочиште на 14 март, и истото беше одложено за 17 април. Судењето, како што беше посочено, е одложено поради недоаѓање на јавен обвинител, а според судијата причината можеби е поради тоа што СЈО поднело барање за преземање на предметот Монструм.

На претходното рочиште што се одржа на 12 февруари, беше прочитан обвинителниот акт, а обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот
обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам. Масакрот кај Смилковското езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени пет момчиња. Ова е прв случај обвинети за тероризам да се бранат на слобода.

Кон средината на јануари, претседателот на ДУИ, Али Ахмети во гостување на телевизијата АлсатМ зборувајќи за реализацијата на платформата, која тој ја ословува како договор, рече:

– Во тој договор е законот за албански јазик, во тој договор е дека треба да се бара истрага или меѓународен мониторинг за некои случаи како случајот Монструм, Кумановскиот случај. Секогаш ги имаме повторувано, цело време, случајот Бродец. И тие веќе се вo фаза на реализација. И изјавата од премиерот на земјава, дека ние се согласуваме и се договоривме да се направи мониторинг и да се расветли вистината за сите овие сомнителни случаи. Така што, како
пакет, тој договор веќе се спроведува како ветување кои го дадовме на албанскиот електорат, изјави Ахмети.

И како што рече Ахмети во јануари, така и бидна, се усвои и законот за јазиците, но со заобиколување на процедурата. Немаше амандманска расправа, и покрај укажувањата од ВМРО-ДПМНЕ да не се прави тоа, Талат Џафери едноставно го стави на гласање. Претседателот не го потпишува указот за прогласување на законот, но обиди да се користи албанскиот паралелно со албанскиот има.

Во февруари годинава владата предводена од Заев, одлучи да даде 800.000 евра за паралелен албански народен ансамбл. Од владата кон крајот на минатата година порачаа дека сметаат дека постои потреба од основање нова Национална установа Анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија – Скопје.

Државниот секретар при министерството за култура, Валмир Азири, кога беше донесена одлуката во февруари рече:

-Првиот годишен буџет, земајќи ги предвид платите, инвестициите во костимографијата, инструментите и практичниот дел, е околу 800 илјади евра. Но, ова се пари кои варираат зависно од потребите кои се појавуваат во текот на формирањето на оваа институција, изјави Азири.

Што следи во платформата? Во платформата е наведено и “решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право“, како вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

Во февруари средба со посредникот Метју Нимиц имаше функционерот на ДУИ, Артан Груби. Ова значи дека се исполнува платформата. Но, министерството за надворешни работи и премиерот Заев не дадоа одговор кој го прати Груби на средба со посредникот Нимиц. Јавноста не доби одговор ниту во чие име тој ги изнесува идеите на грчките авторитети? Кои се тие идеи? Зошто се кријат од македонската јавност? Дали пораките на грчките авторитети премиерот Заев ги пренесува токму преку Артан Груби?

Во таа прилика како што пренесоа медиумите Груби посочил дека не бил најголем проблем името, туку останатиот дел од договорот кој се однесувал на идентитетот, јазикот, националноста, употребата и преводот. Сега ќе видиме што ќе донесе шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас кој е најавено дека во четврток ќе пристигне во Скопје со нацрт- спогодба на 20 страници.

Според дописникот на МИА, Радиото „Атина 984“ јавува дека нацрт – предлогот наводно бил подготвен од грчкото МНР и потоа разгледан од премиерот Алексис Ципрас и од министерот Коѕијас На крајот на документот се заклучува дека целта е интегрирање во НАТО и ЕУ, но впечатокот што го оставаат коалициските партнери СДСМ и ДУИ е како да се натпреваруваат кој што побрзо да продаде кога станува збор за интересите на државата. Коментарите одат
дотаму дека владата се води по тиранската плaтформа како учебник и ја исполнува како владина програма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top